На каков келнер вреди да му се остави бакшиш? Овие „меки“ вештини носат профит во угостителството
Колку „меките“ вештини се важни во угостителството? За угостителот – подеднакво важни како и техничките вештини.
Со оглед на тоа дека „муштеријата секогаш е во право“, вербалната комуникација со него мора секогаш да биде на највисоко ниво за да му се остави најдобар можен впечаток. Со ова се согласува и Ксенија Бељан, директорка на хотелиерско – туристичкото училиште во Опатија и претседателка на Заедницата на угостителско – турстички училишта на Република Хрватска.
Се напоменува дека во образовните програми недоволно се застапени токму меките вештини – комуникација, решавање на конфликти, тимска работа, емпатија, креативност и позитивен став. Додава дека на овој проблем особено укажала наставничката Загорка Иванковиќ, долгогодишна менторка на учениците на економските групи на предмети.
„Таа во наставниот план за Училишниот курикулум на хотелско – туристичкото училиште во Опатија ја вовела програмата ‘Raise The Bar Youth‘, чија цел е дополнително оспособување на учениците во средните училишта кои се на угостителски и туристички насоки преку пренесување на меки и деловни вештини“, рекла Бељан за Gloria.hr.
Зошто овие вештини се толку важни за сите кои сакаат да изградат успешна кариера како келнери, бармени, баристи, готвачи, угостители, менаџери на хотели и останати вработени на слични работни места?
Една од најважните вештини: Позитивен став
Позитивниот став кон работата, гостите и колегите е една од најважните вештини поради повеќекратното влијание на целокупното искуство на гостите, квалитетот на услугата, тимската динамика и деловниот углед. Насмевката, доброто расположение, дури и кога не ви е добар денот, поттикнува атмосфера на топлина и гостопримливост. Освен тоа, во конкурентниот свет на угостителската дејност извонредните искуства оставаат неизбришлив впечаток на гостите и ги поттикнува да се вратат онаму каде што се чувствувале добредојдено.
Оваа вештина се подразбира
Добрата комуникација, пред се‘, подразбира активно слушање и разбирање на информациите на соодветен начин, а потоа читање и на невербалните знаци и прилагодување на стилот на комуникација зависно од тоа со кого разговарате.
Емоционална интелигенција
Емоционалната интелигенција значи да бидете спремни да преземете одговорност за сопственото однесување и грешките и да сте во состојба да размислите како вашите постапки влијаат на другите гости и колеги и како да пристапите со разбирање и емпатија.
„Одговор на забелешка“
Решавањето на проблеми – колку добро менаџерите и вработените можат да управуваат со конфликти, има големо влијание на успехот на угостителската фирма, и меѓу вработените, и во комуникација со гостите. Едно истражување покажало дека 83 % од анкетираните гости повторно би резервирале соба во хотел доколку би добиле разумен одговор на својата негативна мрежна рецензија.
Креативност и око за детали
Креативноста е исто така важен дел од угостителската и туристичката дејност и не се однесува само на создавање одлични менија и уметноста на цртање на кафињата, туку и на обликување на посебни услуги кои ќе ги цени секој гостин. Тоа на пример се, одличната организација, беспрекорно уредени соби, добро претставени јадења или внимателно осмислени туристичи тури.
Последна но не и помалку важна – работа во тим
Тимската работа – последна, но не помалку важна од останатите. Често се наоѓа на професионалните биографии, но кога ќе дојде време со неа да се пофалат, многумина сепак отстапуваат. Работата во тим всушност ги олеснува добрите комуникациски вештини, што е од особена важност во угостителството и туризмот.
Извор: Biznis Telegraf
Фото: Shutterstock