ЕкономијаНовостиСветСветот на работникот

На руската економија ѝ недостасуваат 4,8 милиони работници

   Време за читање 2 минути

На руската економија ѝ недостигаат 4,8 милиони работници, се наведува во анализата на Економскиот институт на Руската академија на науките, цитирана од „Известија“.

Овој недостиг го ограничува економскиот раст на земјата, истакнува руското издание, повикувајќи се на публикации и од Министерството за економија и од Централната банка на оваа тема.

Недостаток има во многу сектори во економијата и тој најмногу се однесува на генералниот кадар. Препораките се дека овој недостаток може да се надмине со насочени инвестиции и нови технологии во земјоделството.

Стапката на невработеност во Русија падна на рекордни 2,9%, но 91% од компаниите во земјата се соочуваат со недостиг од работници, велат експертите за човечки ресурси во земјата. Најголем недостиг има во градежништвото, транспортот и преработувачката индустрија, признава и министерот за труд Антон Котјаков.

Со цел да се обезбеди работна сила, многу компании се принудени да ги зголемат платите. Трети, пак, бараат вработени во Африка и Северна Кореја.

Недостигот на работна сила за стопанството има неколку негативни ефекти – пред сè, неможноста да се произведуваат стоки и услуги во потребните количини, што го забавува растот на бруто домашниот производ и ја зголемува инфлацијата, додаваат руските економисти.

Прогнозите покажуваат дека во 2024-та година, проблемот со работната сила ќе се интензивира во секторите каде платите се генерално пониски, работните услови се тешки или работните места се во оддалечените региони. Главно тоа се земјоделството и градежништвото. Во голема мера, сепак, има недостиг од програмери, инженери, технолози и други високообразовани вработени. Тешко се наоѓаат и лекари, фармацевти, медицински персонал и наставници.

Според анализите, причина за овој недостаток е демографскиот колапс, како и миграцијата на населението.

Минатата есен, илјадници млади луѓе ја напуштија земјата поради страв дека ќе бидат мобилизирани за војната во Украина. Некои од оние кои не се согласуваат со владеењето на Владимир Путин исто така избегаа од Русија поради страв од репресија.

Предлозите за решавање на проблемот вклучуваат инвестиции во нови технологии, но публикацијата не ги забележува тешкотиите во спроведувањето на оваа мерка во однос на позадината на западните санкции, кои го ограничуваат пристапот до иновациите. Ниската вредност на руската рубља би ги обесхрабрила и работните мигранти од странство. Затоа мора да се заштити курсот за да се зачува конкурентноста на земјата за привлекување странски специјалисти, додаваат економистите.

Препорачуваат и државна поддршка и контрола на обуката на кадрите потребни за стопанството.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *