ЕкономијаМакедонија

НБ ја задржа проекцијата за растот од 3,5 годинава и 3,8 догодина

НБ ја задржа - Работник
41views

Народната банка ја задржа проекцијата за растот на економијата од 3,5 отсто за годинава, а за наредната предвидува раст од 3,8 отсто. Главни двигатели на растот, според Народната банка, ќе бидат извозот, инвестициите и личната потрошувачка. При проекцијата се земени предвид одржувањето на изборите, а гувернерката на Народната банка Анита Ангеловска-Бежоска вели дека на растот има влијание и реализацијата на капиталните инвестиции.

– Во првата половина од годината продолжи трендот на забрзување на растот на економијата, а во оваа насока упатуваат и индикаторите за третиот квартал. Во периодот на проекции и понатаму се очекува раст на домашната економија од 3,5 отсто во 2019 година и постепено забрзување на 3,8 отсто во 2020 година, рече денеска гувернерката Ангеловска-Бежоска на прес-конференција.

Таа додаде дека при проекцијата е земено предвид влијанието на предвремените парламентарни избори, но оти проценка ќе прават и откако ќе го видат буџетот за наредната година и фискалната стратегија,

– Ги имавме предвид изборите. Се наоѓаме во тој период пред избори. Искуството досега упатува дека е можно изборите да имаат влијание генерално на забавување на економската активност, но она што е карактеристично вообичаено е дека ефектите од тоа се чувствуваат во пократок период, така што не е исклучена можноста да има одредено забавување на економската активност. Важно е во целиот овој период да се продолжи со структурите реформи, бидејќи тие се најважниот фактор кој го детерминира  растот, ги подобрува фундаментите на економијата за да може по завршување на изборниот циклус со поголем потенцијал на нашата економија да се остваруваат повисоки стапки на раст, кој што несомнено ни се потребни за да постигнеме позабрзана конвергенција, истакна гувернерката.

Според Народната банка, како што посочи гувернерката, битен фактор на растот останува извозната побарувачка, односно се очекуваат позитивни ефекти од индустриските капацитети со странски капитал и традиционалниот извозен сектор при натамошен, иако, поумерен раст на странската побарувачка.

Позитивен стимул, се очекува и од инвестициите. – По неповолните движења во 2017 и 2018 година предвиден е раст во следните три години при забрзување кај јавните инфрастуктурни инвестиции, приливи од странски директни инвестиции, како и натамошна склоност за инвестирање на приватните субјекти, поддржана од кредитирањето од страна на банките, појасни гувернерката.

Таа посочи дека позитивен придонес ќе има и личната потрошувачка при солиден раст на реалните плати, зголемување на вработеноста, раст на маста на пензии, приватните трансфери и натамошна кредитна поддршка од страна на банките.

Според гувернерката, една од клучните претпоставки за остварување на макроекономското сценарио е забрзување особено на јавните инфрастуктурни проекти.

„Кумулативно растот за првите три квартали е 30 проценти, но тоа е позначајно отстапување во однос на годишната вредност што е планирана во буџетот. Факт е дека во последниот квартал динамички и историски наназад можно е да има одредено забрзување, меѓутоа немаме попрецизни информации. Со оглед на тоа што остварувањето е 40 проценти за првите три квартали би рекле постои веројатно остварувањето да е пониско од планираното, меѓутоа она што е важно е дека планираната вредност оваа година е значајно повисока од реализацијата минатата година што влијае на стапката на остварување“ рече Ангеловска-Бежоска.

Народната банка има надолна ревизија за инфлацијата за 0,5 осто, потоа кај странската ефективна побарувачка на 1,1 отсто од 1,4 отсто главно поради забавувањето на германската економија, но како што рече гувернерката, очекувањата се дека забавувањето ќе биде привремено и дека ќе има умерено забрзување во 2021 година од 3,4 отсто.

Одговорајќи на новинарско прашање во однос на јавниот долг, гувернерката посочи, дека се забележува оти тој значајно е зголемен, односно двојно повеќе во однос на преткризниот период, но дека во последниот период во просек се одржува на ниво од 48 проценти.

Според Ангеловска-Бежоска, неговата натамошна патека би зависела пред се од буџетскиот дефицит и продолжувањето со фискалната консолидација.

„Клучниот фактор што го определува јавниот долг и влијае на јавниот долг е буџетскиот дефицит. Засега расположливата фгискална стратегија за 2020-2022 година предвидува патека на натамошна фискална консолидација која значи буџетски дефицит од 2,3 проценти наредната година, а потоа негово намалување до 2 отсто во 2021 година. За нас е многу важно да продолжи процесот на фискална консолидација бидејќи со тоа ќе се даде значаен придонес за натамошно стабилизирање, а потоа и за умерено намалување на јавниот долг“, рече гувернерката.

Извор: Сител