„Невработеноста благо намалена, но луѓето некако тешко се вработуваат“

Невработеноста во третиот квартал бележи благо намалување, а вработеноста стагнира. Ова се дел од заклучоците кои произлегле од Макроекономскиот монитор на Finance Think за третиот квартал од 2022 година.

Стапка на вработеност и невработеност

Невработеноста во третиот квартал од 2022 година е благо намалена во третиот квартал од 2022 во споредба со вториот (од 14,5  % на 14,3 %) покажува Макроекономскиот монитор на Finance Think за третиот квартал од 2022 година.

Од друга страна, вработеноста стагнира на 47,3 %, па падот на невработеноста е остварен како резултат на пасивизацијата на населението на пазарот на трудот, што, како што оценуваат од Finance Think, е неповоелн тренд кој започнал за време на пандемијата.

Инфлација

Според Макроекономскиот монитор, во третиот квартал од 2022 година, инфлацијата забрзала на 17,2 % на годишна основа.

Овој раст на цените и понатаму е доминантно движен од глобалните притисоци врз цените на примарните производи и енергијата, но пренесените ефекти врз пошироката потрошувачка и растот на личната потрошувачка го оправдуваат монетарното затегнување кое започна во вториот квартал и неопходно налагаат поголема внимателно и рестриктивност од страна на фискалната политика – се посочува во извештајот. 

БДП

Бруто домашниот производ бележи зголемување од 2 % во третиот квартал од 2022 година. Растот, како што велат од Finance Think, е остварен во услови на растечка неизвеснот во економијата, односно забрзан раст на цените на храната и енергенсите, како и значителен ризик од намалување на надворешната побарувачка.

Особено погодена од овој контекст е индустријата, која во кварталот оствари пад од 1.7%, а само преработувачката индустрија има пад од 2.9%, првенствено како резултат на ограничувањето на производството поради скапите енергенти. Градежништвото, исто така, продожи да се намалува за 9.1%. Од друга страна, враќањето на претпандемиските нивоа продолжи со солидна динамика од 9.1% раст кај трговијата, транспортот и хотелиерството – се истакнува во извештајот. 

Се нагласува дека ризикот од пад на надворешната побарувачка се‘ уште е значајно материјализиран, бидејќи извозот и увозот ја здржаа својата динамика на раст од 17,8 % и 19,4 %, соодветно, додека неизвесноста позначајно се рефлектираше кај бруто инвестициите кои бележат побавен раст од претходно кој изнесува 9 %.

Приватната потрошувачка забележа невообичаено висок раст од 5.4%, остварен во услови на пад на реалната просечна плата (од 5.3%), но поддржан од растот на минималната плата, пензиите и дознаките од странство (номинален раст од 29% на годишна основа) – велат од Finance Think. 

Проекции на Finance Think

Неизвесноста во економијата, како што се вели, останува, стагфлацијата ќе се интензивира до крајот на оваа и почетокот на идната година, додека ценовните притисоци се очекува постепено да ослабат.

Оттука, Finance Think останува на проекцијата за раст на БДП во 2022 на 2.1%, додека нагорно ја ревидира проекцијата за стапката на инфлација на 13.9% (од претходните 12.2%). Проекциите за 2023 година изнесуваат: раст на БДП од 2.4%, раст на цените од 8.9%, двете со нагласена неизвесност – посочија од таму. 

Фото: Getty Images

Бобан Илијевски е главен и одговорен уредник на порталот Работник и е еден од ретките новинари во Македонија специјализирани за областа на работните односи.

Бобан Илијевски

Бобан Илијевски е главен и одговорен уредник на порталот Работник и е еден од ретките новинари во Македонија специјализирани за областа на работните односи.