ЕкономијаМакедонијаСветот на работникот

Недела да биде неработен ден за сите

152views

Владата планира недела да биде прогласен за неработен ден за сите, а работниците да се плаќаат по час. Токму работењето прекувремени саати, работа на празници и во недела, се забелешките кои работниците ги изнесувале како проблеми со кои се соочуваат на средбите со претставници од Министерството за труд и социјална политика. Ваквите барања доаѓаат од работниците кои имаат најниски плати во земјава како што се текстилните работници, вработените во супермаркети, трговски центри и градежни работници.

Во Министерството за труд и социјална политика се размислува да се донесе ново законско решение со кое ќе бидат решени овие прашања. Токму тоа вчера го навести вицепремиерката за економски прашања, а поранешна министерка за труд и социјална политика Мила Царовска, на дебата на СДСМ во Штип.

„Недела неработен ден и плаќање по час се новите предизвици на коишто треба да работиме идниот период. За ова ќе мора да дебатираме со бизнис секторот и со синдикатите. Сите заеднички да ја донесеме одлуката што ќе биде најдобра за сите“, рече Царовска.

Истражувањето на здружението на граѓани „Гласен текстилец“ во кое биле опфатени 870 испитаници, покажува дека 70 отсто од нив работат прекувремено, 59,3 отсто работат над 50 часа неделно, а само 11,3 отсто се изјасниле дека не работат на празници и за викенд.

„Вработените во текстилните фабрики, трговските центри, во супермаркети, градежните работници имаат право на одмор еден ден во неделата. Сега тоа не е случај, недела е работен ден за голем број граѓани. Владата мора да донесе политичка одлука, како што направи со зголемување на минималната плата и во Законот за работни односи недела да биде неработен ден и да се најде систем како работниците да се плаќаат по час. Кога веќе се стремиме да станеме членка на Европската унија, треба да носиме и европски закони во кои работниците ќе имаат повеќе права“, вели Кристина Ампева активистка во здружението „Гласен текстилец“.

Извор: СДК