МакедонијаПравдаСиндикат

Неделковска: Со колективниот договор ќе се поправат грешките направени со нивелацијата на платите во културата

Неделковска: Со колективниот договор - Работник
1.12Kviews

Претставници од Министерството за култура, Самостојниот синдикат за образование, наука и култура – СОНК и Синдикатот на културните работници на Македонија – СКРМ, деновиве интензивно работат на колективниот договор за култура, рече Генералниот Секретар на СОНК, Весна Неделковска ексклузивно за Порталот Работник.

Таа истакна дека на почетокот работела само една работна група, а сега работат две работни групи кои се поделени.

„Едната работи на правниот дел на колективниот договор, а другата група работи на финансискиот дел, односно на коефициентите по работни места. За на крај двете групи да се спојат и да ги состават текстот и коефициентите по работни групи“, вели Неделковска.

Вели дека правниот дел треба да биде согласно законот за работни односи, законот за култура и законот за административни службеници, бидејќи и во оваа дејност има три групи на вработени, а тоа се: даватели на јавни услуги, административни службеници и помошно – технички персонал.

„Работната група во којашто конкретно јас работам е задолжена за правниот дел согласно овие три закони, а другата работна група којашто работи во делот на коефициентите во моментот ги групира работните места, според овие три групи“, истакна Неделковска.

Според неа, заеднички став на Министерството за култура, СОНК и СКРМ е да се извлече највисокиот коефициент за секое работно место, што би значело никому да не му се намали платата и останатите работници коишто со нивелацијата и претходните колективни договори на ниво на работодавач се оштетени ќе дојадат на ниво на тој највисок коефициент, по работно место.

Истакна дека една од заложбите е да биде врзана најниската плата, односно вредноста на коефициентот да биде на ниво на минималната плата, за што постојано и како Конфедерација на синдикати на Македонија и како СОНК се залагаат, од причини што имаат проблеми со зголемувањето на минималната плата, поради кои се изедначуваат неколку работни места и доаѓаат на исто ниво.

„Како што ќе се зголемува минималната плата верижно, така ќе се зголемуваат верижно и платите во културата“, вели Неделковска.

Таа смета дека со овие два чекори ќе бидат пионери на колективното договарање на ниво на Република Македонија.

Додаде дека интензивно се работи на колективниот договор, како и дека било договорено до крајот на неделата да се изгрупираат коефициентите, за некаде приближно двесте работни места.