МакедонијаПравдаСветот на работникотСиндикат

Неделковска: Со новиот колективен договор ќе се унапредат правата на вработените во градинките

Неделковска: Со новиот колективен договор - Работник
2.69Kviews

Да се биде воспитувач во детска градинка е сложена ,но благородна работа, бидејќи се работи со најмалите и најмилите, вели Генералниот Секретар на Самостојниот синдикат за образование наука и култура – СОНК, Весна Неделковска, ексклузивно за порталот Работник.

Пред да биде Генерален Секретар, 28 години работела во градинка и добро ја познава оваа дејност, која што според неа е благородна каде што деца од најрана возраст се социјализираат, воспитуваат и образуваат, па се до шест годишна возраст, кога тргаат на училиште, вели Неделковска.

Според неа и покрај проблемите со кои се соочуваат, вработените во детските градинки, кои се еден вид замена на родителите, успеваат да ги надминат. Еден од проблемите е зголемениот број на деца во групите. Во Законот за заштита на деца има предвидено нормативи, согласно возраста на децата, коишто не се почитуваат од страна на надлежните институции и најчеста појава е зголемен број на деца и тоа двојно, а некаде дури и тројно, што е навистина премногу, но сепак вработените успеваат да ги постигнат целите. Единствено решение за надминување на овој проблем е отворање на нови капацитети, со кои би се зголемил и бројот на вработени во детските градинки.

Неделковска вели дека во последниот период, оваа дејност се соочувала со измени и дополнувања на Законот за заштита на деца, каде што СОНК дал придонес за подобрување на условите за работа, вработување и вградување на сите работни места во детските градинки. Според неа во првичниот текст на измените од Законот за заштита на деца во делот на работните места, со бодови согласно образованието и сложеноста на работното место беа вградени носителите на дејноста и истите би земале плата согласно овој Закон, дел од вработените кои што работат во административниот дел, согласно Законот за административни службеници, но помошно-техничкиот персонал, кои што несе вградени во ниту еден закон, практично ќе немаа основ за исплата на плата. Со нашето укажување до Министерството за труд и социјална политика и коректниот социјален дијалог, се постигна договор во најитен можен рок да се изготви нов Колективен договор за заштита на деца, каде ќе се вградат сите работни места и ќе се надмине овој проблем.

Во изминатиов период, работната група од СОНК и МТСП, интензивно работеа на текстот на новиот колективен договор за оваа дејност, кој што деновиве ќе биде на јавна расправа- што впрочем е законска постапка , во синдикалните организации на СОНК и секој наш член ќе има можност да даде свои предлози, мислења,забелешки и сугестии.

По завршената јавна расправа по однос на Колективниот договор, сите издржани забелешки ќе бидат предмет на разгледување  на ниво на работна група од СОНК и МТСП и вградени во новиот Колективен договор, кој очекуваме да се потпише во најскоро време.

Со потпишувањето на овој Колективен договор, ќе се надмине децениската неправда во оваа дејност, преку кој  што социјалниот статус на вработените во градинките, секако во очекување и на ветените 5% со Одлука на Владата на Р.С. Македонија ,ќе се подобри.