МакедонијаСветот на работникотСиндикат

Неделков: Наставниците со дополнителни напори ја реализираат „наставата од далечина“

   Време за читање 5 минути

Заради новонастанатата ситуација, а во врска со прогласување на вонредна состојба во државата поради коронавирусот, наставниците се спречени да го реализираат воспитно образовниот процес на вообичаен, традиционален начин, односно наставата да се реализира во училиштата, вели Претседателот на Самостојниот синдикат за образование, наука и култура – СОНК, Јаким Неделков за Порталот Работник.

„Од тие причини, веднаш по прогласување на вонредната состојба, уште и пред укажувањето на министерот за образование и наука, дел од наставниците, ја искористија својата креативност и самоиницијативно почнаа да изведуваат ,,настава од далечина “. Тоа се воглавно помлади и амбициозни колеги кои ги искористија постоечките мобилни апликации, со кои може да се воспостави едновремено комуникација со група на луѓе, во овој случај ученици“, вели Неделков.

Тој посочи дека по нивниот пример, со огромна воља и ентузијазам и желба за учење, се приклучија и останатите наставници , како во основното, така и во средното образование. Во меѓувреме и МОН изготви неколку платформи кои можат да им помогнат на наставниците за далечинско пренесување на знаењата на учениците, како и презентација на наставни содржини од страна на наставници на каналите на националната телевизија.

„Во моментов, реално постои реализација на наставата, но мора да признаеме со голем дел на недостатоци и потешкотии во реализацијата. Основен проблем е што наставниците немаат усогласена платформа по која што сите би работеле, туку, останува секој наставник да одбере начин на кој ќе работи, или како што велат ,, ’кој како ќе се снајде’. Исто така, голем е и проблемот што, за ваков начин на работа, ниту еден наставник не е едуциран во минатото, па до денес“, рече Неделков.

Сепак според него, остануваат ентузијазмот и креативноста на секој наставник за успешно реализирање на наставата од дома. Секако, не може да се изостави и фактот дека проблем ќе претставува и оценувањето на учениците, процес кој секогаш бил еден од најтешките и најодговорни постапки на наставниците. Во вакви услови, наставниците се преоптеретени со поставување на задачи и прашања, прегледување на одговори на задачи од страна на учениците, што најчесто трае во текот на целиот ден. Овој начин на работа и комуникација со учениците најчесто е индивидуален, што значи дека и одделенските и предметните наставници вложуваат вонредни активности за да одговорат на интересот и работата буквално на секој ученик.

„Не полесно се снаоѓаат и учениците, кои што од материјално технички аспект секој не е во можност да обезбеди компјутер или паметен телефон, интернет во својот дом, за да може да се вклучи во наставата од далечина. Исто така, учениците во подолните одделенија во одделенската настава, заради возраста, не се во можност самостојно да ракуваат со компјутер и да следат настава, да пишуваат и решаваат задачи, па за таа цел се ангажираат и родителите, се разбира ако се во можност во определеното време за настава да се дома и да асистираат. Во овие моменти, се чини дека амбициозноста на наставниците треба да се сведе на минимум, да се работи по скратена програма и да се изучува само неопходното“, истакна Неделков.

Тој посочи дека можеби најлесно се реализира наставата во високото образование, што се должи на возраста на студентите и нивните комуникациски вештини преку интернет, како и солидната едукација на професорскиот кадар кои што и претходно имале можност да работат на далечина, особено на меѓународни предавања, семинари, конференции и т.н..

Неделков порача дека наставниците очекуваат од надлежните, особено од МОН, да ги минимзираат напатствијата за административни работи на наставниците, и тие да се сведат на минимум. Во таа насока, очекуваат да нема тврди утврдувања на датуми за пополнување на електронскиот деневник, одржување на наставнички совети, пополнување на евидентни листови и т.н. Факт е дека едновремено вклучување на наставниците и обидот да внесуваат информации во електронскиот дневник го блокира системот, што оневозможува внес на податоци, а со тоа нервозите кај наставниците се неизбежни. Работата на оваа проблематика во доцните, како и во раните утрински часови, навистина не е потребна.

„На крај може да заклучиме дека, наставата се реализира во отежнати, вонредни услови, наставниците и учениците даваат максимум од себе успешно да се одвива овој процес, со сите недостатоци кои произлегуваат заради споменатите, а сигурно уште и други оправдани причини. Наставниците имаат хумана професија и покрај сите тешкотии, тие гордо и ревносно одговараат на предизвиците, во интерес на учениците, родителите, Татковината“, вели Неделков.