- Advertisement -
МакедонијаНовостиПравдаСветот на работникотСиндикат

Неделков: Нема да дозволиме ниедна реформа да се реализира врз грбот на наставниците

Интервју со Претседателот- Работник
1.83Kviews

Со новата реформа за наставници ќе има доста новини, од аспект на фонд на часови, број на наставни предмети, ангажман на наставници во училиштата, организација на наставата итн., вели Претседателот на Самостојниот синдикат за образование, наука и култура – СОНК Јаким Неделков.

„Ова е нова концепција којашто во јавните државни училишта не се применувала досега. Во Европа ваква настава веќе се изведува, а имам информации дека се изведува и во две приватни гимназии во Македонија“, вели Неделков.

Истакна дека со новата реформа ќе има интеграција на наставни предмети во еден предмет, така да има многу нејаснотии и прашалници во однос на новите наставни предмети, за тоа како ќе се организираат, како ќе функционира наставата и како ќе се планира истата. 

На прашањето на порталот Работник дали оваа реформа би можела практично, да укине работни места во основното образование, Неделков посочи дека тоа била првата нивна забелешка, бидејќи не се знае некои наставни предмети колку ќе бидат застапени во однос на други училишни и вон наставни активности, во редовниот фонд на часови. 

„Ние, според оние презентации што досега ги имаме од Бирото за развој на образованието, добивме уверување дека ниеден наставник нема да остане без работа и дека нема да му се намали фондот на часови. Тоа е особено тврдо уверување кон јавноста и особено кон наставниците“, вели Неделков.

Неделков вели дека новиот наставен план каде што наставниците по новиот предмет уметност којшто ќе биде составен од наставник по ликовно образование и наставник по музичко образование, предвидува еден час неделно, каде што двајцата наставници би предавале по едно полугодие. Како што вели, тоа значи дека би имале по половина фонд на часови. 

Од Министерството за образование и од Бирото за развој на образованието им рекле дека тоа е концепциски направено, вели Неделков, и дека има простор за вон наставни активности и за слободни активности коишто ќе се воведат уште од прво одделение. Им било укажано дека не само што ќе има вон наставни активности, туку ќе има и вишок на часови, а со тоа и ќе има повеќе работа за овие наставници. 

Се поставува и прашањето за наставниот предмет Етика, којшто треба да се инкорпорира со други предмети или воопшто да го нема тој предмет, па поради тоа не се знае како наставниците по Етика ќе бидат застапени и каде ќе работат, рече Неделков, нагласувајќи дека тоа е спорно. Посочи дека евентуално, тој предмет би можел да изгуби часови.

На прашањето, што во случај ако реформата предизвика губење на работни места, Неделков вели дека СОНК уште од сега укажува на тоа дека не треба да се избрзува и да не се даваат кратки рокови за отпочнување на реформата.

„Наш предлог е да неколку години пред да се имплементира наставниот план, да се направи пилотирање во неколку училишта, на национално ниво, од различни работни средини. Од урабани средини, рурални средини, подрачни училишта итн. за да видиме како ќе функционира оваа реформа и овој вид на настава, затоа што интеграцијата на наставни предмети, интеграција на ученици коишто од различни одделенија ќе членуваат во различни групи, односно од различни одделенија ќе членуваат во секција, во иста група од различни одделенија, бара добра организација и распоред на активности и на наставниците и учениците“, вели Неделков.

Посочи дека тука имаат релативно големо сомнивање како тоа ќе се примени во самите училишта и од таа причина бараат да не се избрзува и реформата да не се реализира од следниот септември, туку прво да се види колку е практична, па да се имплементира после неколку години.

Доколку испадне дека некои наставници ги изгубат своите работни места, нема да имаат доволен фонд на часови, нивниот предмет нема да биде активен и неспроведлив заради просторни и технички услови, тогаш МОН ќе има сериозни проблеми со СОНК, истакна Неделков, порачувајќи дека нема да дозволат ниедна реформа да се реализира врз грбот на наставниците. 

Истакна дека СОНК жестоко ќе се спротивстави на реформа којашто би можела да предизвика наставниците да ги изгубат работните места.

Бобан Илијевски