- Advertisement -
МакедонијаНовостиПравдаСветот на работникотСиндикат

Неделков реизбран за Претседател на СОНК: Следуваат нови борби во новиот мандат

Неделков реизбран - Работник
796views

Бобан Илијевски

Самостојниот синдикат за образование, наука и култура на Република Македонија денеска го одржа седмиот Конгрес на кој беше реизбран актуелниот Претседател на СОНК, Јаким Неделков.

Пред почетокот на Конгресот, Неделков во изјава за медиумите посочи дека со овој Конгрес завршува еден мандатен период од пет години, напоменувајќи дека заради пандемијата морал да се пролонгира рокот за одржување.

Истакна дека сето она што било работено од страна на синдикатот во изминатиот период било ставено на јавна расправа во членството, во секоја од синдикалните организации. Извештаите, програмата и други документи, биле ставени на јавна расправа.

„Имаме квалитетни документи коишто ветуваат дека во наредниот период, СОНК ќе продолжи многу посилно и многу поинтензивно да работи, во интерес на остварување на правата и интересите на сопствените членови коишто членуваат во синдикатот“.

Тој одговарајќи на новинарско прашање, истакна дека работеле во однос на социјалните, економските, политичките и здравствените ситуации коишто ги имале. Посочи дека во тој период имало и локални и парламентарни избори, каде што се сменија централната и локалната власт коишто носеле свои предизвици. Напомена дека дел од нивните колеги коишто го немале оформено нивното вработување останале без работа и дека тоа било огромен предизвик за нив. Дел од нив успеале да спасат, но стотина нивни колеги останале без работа во тој период на здравствена пандемија каде што биле принудени да се прилагодат кон нови методи и форми на работа. Посочи дека наставниците работеле онлајн, без притоа да имаат соодветна инфраструктура, односно соодветни интернет конекции, компјутери итн., па биле принудени да се снаоѓаат како знаат и умеат.

Оценката, според него, е дека било тешко да се успее учениците да не се остават сами на себе. Неделков им честиташе на колегите наставници кои дале се од себе во овој период.

Неделков подвлече дека во рамките на Конфедерацијата на слободни синдикати одржале низа на протести, од 2018 година, барајќи платите да им се усогласат со минималната плата на национално ниво и констатираше дека до ден денска ова барање не е исполнето, надополнувајќи дека ова барање ќе им биде една од стратешките точки во наредниот мандатен период каде што државата мора, како што вели, да ги почитуваат законите.

Тој истакна дека има и позитивни аспекти на нивното работење, како склучувањето на три колективни договори, во детската заштита, високо образование и култура.

„Со сите овие три документи вработените во овие дејности имаат привилегии и придобивки од овие договори и убеден сум дека до крајот на оваа календарска година дека ќе склучиме колективни договори за основно и средно образование, каде што исто така ќе имаме придобивки за некои права коишто во минатото се изгубени. Се надеваме дека ќе ги вградиме во новите договори“, заклучи Неделков.  

Фото: Портал Работник