МакедонијаСиндикат

Неделков: СОНК не е вклучен во расправата за нивелација на платите

Неделков: СОНК не е вклучен во расправата за нивелација на платите - Работник
562views

Самостојниот синдикат за образование, наука и култура – СОНК денеска одржа пресконференција по повод најавената нивелација на плати во дејноста култура.

Претседателот на СОНК, Јаким Неделков рече дека денеска синдикатот одржал работен состанок со сите Претседатели на синдикални организации од дејноста култура, на кој се расправало околу најавената нивелација на плати којашто во текот на изминатите денови многу активно се подготвува во министерството за култура.

„Наша констатација со жалење е дека СОНК воопшто не е вклучен во процесот на нивелација на платите во дејноста култура и од тие причини ние не знаеме како и на кој начин ќе се нивелираат платите. СОНК го поддржува зголемувањето на плати и на други придобивки во однос на колективни договори и други спогодби со министерството за култура, но во овој случај големи се прашалниците кај нашите членови и Претседатели на синдикални организации во однос на начинот на нивелација на платите“, реле Неделков.

Тој истакна дека како прво не е јасно дали нивелацијата на платите ќе биде со некаква спогодба на ниво на синдикална организација, односно анекс договор со директорот на установата и Претседателот на синдикалната организација или тоа ќе биде на национално ниво каде што треба да се направат измени и дополнувања на колективниот договор за култура или поточно кажано носење на нов колективен договор за култура каде што ќе мора да се вклучи и СОНК.

Неделков наведе дека и на ниво на синдикална организација, односно установа, СОНК не е вклучен во изготвување на коефициентите за нивелација на платите, ниту пак е вклучен на национално ниво. Според него, од тие причини уште еднаш напомена дека социјалниот дијалог во Македонија, поконкретно во дејностите што СОНК ги покрива е апсолутно на незадоволително ниво. Се преговара и договара бесцелно и немаат информација дали е вклучен другиот синдикат или само министерството за култура, но како и да е за ваква важна работа како промена на коефициенти, апсолутно мора да има согласност од репрезентативниот синдикат, во овој случај СОНК.

Тој нагласи дека секое зголемување на плати или промена на коефициент, без согласност на репрезентативните синдикати би значело кривчно дело. Недлеков наведе дека јавно кажува дека СОНК ќе преземе мерки и санкции за оние коишто ќе го направат тоа.

Неделков заклучи дека нетранспарентниот дијалог ќе направи уште поголем јаз помеѓу платите, ќе направи раздор помеѓу установите од културата, поради тоа што носителите на дејност ќе имаат добивка од нивелацијата на платите, а техничко – помошниот персонал, нема да биде во никаква добивка. Додаде дека исти установи, со исти работни места, во различни општини со овие нивелации би имале различни коефициенти.

Од СОНК апелираат до министерството за култура, што побрзо да го остварат социјалниот дијалог со СОНК, како што е предвидено со закони и меѓународни конвенции.