Недостигаат илјадници работници во фабриките за оружје во Чешка, ќе вработуваат Украинци

Стручните украински работници би можеле да пополнат илјадници слободни работни места во чешката индустрија за оружје за да помогнат да се задоволи побарувачката предизвикана од војната во Украина.

Ова го изјави денеска чешкиот заменик министер за одбрана Томаш Копечни.

Чешка е една од најголемите добавувачи на оружје за Киев меѓу членките на НАТО откако Русија ја нападна Украина. Испораките, сепак, ги исцрпија залихите, така што официјалните лица предупредија дека може да поминат години пред да се надополнат. Некои чешки производители на оружје веќе посочија дека треба да го зголемат бројот на работници.

„Ќе се отворат илјадници работни места“, рече Копечни, сугерирајќи дека работниците би можеле да дојдат од Украина, чија индустрија за оружје е цел на руските напади. „Сè зависи од тоа колку ќе се зголемат производствените капацитети на чешките компании или производството на заедничките чешко-украински фабрики за оружје“, рече тој.

Копечни рече дека чешкиот премиер Петр Фиала се согласил да прими украински експерти од индустријата за оружје кога се сретнал со украинскиот претседател Володимир Зеленски во Киев во октомври. Шефот на Czechoslovak Group, голема фабрика за оружје, Михал Стрнад, минатата недела изјавил дека Украина истрелува 40.000 гранати неделно од западно потекло.

„Многу работи ѝ беа испорачани на Украина“, рече Стрнад. „Сепак, факт е дека денеска Украинците пукаат помалку отколку што би можеле бидејќи немаат доволно муниција.“