МакедонијаСиндикат

Незадоволството од неисполнувањето на барањата предизвика КСС да организира уште еден протестен собир

175views

Неисполнувањето на барањата од страна на Владата, изнуди уште еден протестен собир на Конфедерацијата на слободни синдикати -КСС, кој ќе се одржи утре на плоштадот во Куманово, најави на денешната пресконференција Претседателот на КСС, Благоја Ралповски.

„Повторно КСС излегува на пресконференција за да најави уште еден синдикален собир, кој ќе се одржи утре во Куманово, од 12 и 10 часот на градскиот плоштад. Како што знаете изминатава година излеговме многу пати јавно, на пресконфернции и пробавме преку социјалниот дијалог, што е воспоставен во Македонија, да ги решиме нашите барања, коишто се сосема легитимни“, вели Ралповски.

Тој се осврна и на неусогласувањето на минималната плата во јавниот сектор, која во изминатата година ипол е покачена за 25 проценти.

„Како што знаете минималната плата е зголема за 25 проценти, во изминатава година ипол, а платите во јавниот сектор, во одредени дејности се 5 проценти, а во некои дејности не се покачени. Сведоци сме дека Владата изјавува дека имаме пораст на просечната плата, дека имаме покачување на платите во јавниот сектор, но ние тука ќе изјавиме дека тоа воопшто не е точно. Платите во јавниот сектор се во социјална категорија, што прави вработените да имаат социјални примања“, изјави Ралповски.

Даде став и за изјавата од Владата дека има зголемување на вработеноста во јавниот сектор, за три илјади и двеста вработени. По што додаде дека од друга страна, Премиерот, оваа недела дал изјава дека вработените во јавниот сектор се спремаат да се трансферираат од јавен во приватен сектор, што во ниеден случај не е прифатливо за нив како синдикат. Ралопвски уште еднаш ги кажа барањата на синдикатот, а тоа се: покачување на платите во јавниот сектор, од 01.01.2019 година, согласно процентот за којшто е зголемена минималната плата, К-15 за јавниот сектор, да не бидат дискриминирани, затоа што знаат дека се прави голема фама, при исплатата на К-15 во приватниот сектор. Наведе и дека синдикатот бара Владата да се откаже од идејата за трансфер од јавен во приватен сектор, затоа што тие остро се спротивставуваат на тоа и нема да дозволат ниту еден нивен член да биде отпуштен од работа, поради некои идеи за кратење на вработеноста во јавната администрација, од една страна, а од друга страна за вработување на партиски кадри.

Тој истакна дека КСС уште еднаш порачува, како и што најавиле, дека нема да застанат со нивните синдикални делувања, туку напротив ќе продолжат со изразување на своето незадоволство и за време на претседателската кампања, за да ги потсетат државните органи дека се активни во барањето за тоа што им следува, согласно законите, согласно законот за работни односи и согласно законот за минимална плата, којшто вели дека треба да се усогласат платите, доколку има покачување на минималната плата.

Според него, има притисок од членството на КСС за прогласување на генерален штрајк. Доколку не се прифатат нивните барања од страна на Владата, после овој протест, ќе направат уште еден во Скопје, каде што ќе најават започнување на генерален штрајк во јавниот сектор.