Неплатената пракса е луксуз за македонските работници; Потребна е платена пракса за поголема компетентност

Автор: Бобан Илијевски

Факт е дека во Македонија тешко се прави кариера. Зошто? Бидејќи во било и која компанија да се вработиш, ќе те пријават на определено работно време. Според Законот за работни односи, работодавачот има право да те држи пет години на договор на определено време, но кај нас може и многу повеќе. Некои работодавачи имаат обичај по заминувањето на овие пет години, работникот да го префрлат на “друго работно место”, но да му ги остават истите работни задачи, за да на тој начин му дадат уште еден договор на определено време. Ова, сакале да признаат или не работодавачите, се случува. Често. Ваквата нивна постапка не им дава никаква сигурност на работниците, а со тоа се ставени во ситуација да се плашат за тоа дали ќе ја изгубат работата. За најголемиот дел од работниците, губењето на работата не значи само прекин на кариерата, туку и останување без средства за егзистенција.

Друг проблем, за кој веќе имам пишувано, кој е голема препрека за започнување на кариера во Македонија, е немањето на можност за платена пракса. Со оглед на тоа дека често ги гледам огласите на деловната социјална мрежа LinkedIn, можам да констатирам дека многу од компаниите кои бараат работници, не нудат платена пракса за да работникот може да се запознае со работата и да стекне барем мало искуство кое ќе му овозможи да се вклопи во компанијата и да може да ги извршува работните задачи употребувајќи ги стекнатото предзнаење.

За да добиеш квалификуван и компетентен работник, треба да вложиш во него. Не сите луѓе имаат можност да посетуваат бесплатни пракси или да плаќаат онлајн или било какви курсеви. Не во Македонија. На луѓето и онака им е тешко без работа, бидејќи ние го немаме оној комфор да одиме на пракса без пари, како што го имаат луѓето во Западните земји. Нашите плати не се големи, за да можеме да оставиме некој денар настрана. Едноставно, мора да се воведе платена пракса. На тој начин можат да се привлечат и младите да се вработат во нашите компании и да се намали нивниот одлив.