Не можеме да чекаме уште 7 години
Седум години работеа на тој фамозен нов Закон за работни односи, и пак ништо. Ако повторно се одолжи процесот, тогаш ќе чекаме уште долги години за да биде донесен нов Закон, кој би се усогласил со сите директиви на Европската унија и стандарди на Меѓународната организација на трудот, но и останатите новини кои се појавуваат во сферата на работните односи.
Ако следната Влада започне да работи на сосема нов Закон, тогаш не би имало крај. Ова ќе значи уназадување на и така уназадениот трудов систем. На пример, работата на далечина не е правно регулирана, не регулиран ниту статусот на фриленсерите, а ни на хибридната работа (дел работа на далечина, дел работа од просториите на работодаачот). Сето ова мора што е можно побрзо правно да се уреди, бидејќи бројот на работниците кои работат на некои од овие начини е зголемен од пандемијата со Ковид – 19, кога всушност и доби замав.
За вештачката интелигенција да не зборуваме. Да, ние сме далеку од нејзино воспоставување, но нема да ни биде на одмет со време законски да се покриеме, па кога ќе се појави потребата да ги доуредиме дополнително. Потребна ни е и прагматичност. Впрочем, во многу наврати имам напишано дека САД е толку напредна држава токму поради тоа што луѓето се прагматични. Додека во Европа се теоретизирало за некои работи, таму истите се спроведувале во пракса.
Постои и онаа другата опција за која се залагаат дел од синдикатите – да се направат измени и дополнувања на постоечкиот Закон за работни односи со кои ќе се модернизира и ќе биде во тек со актуелните трендови во работните односи. Ете, и тоа е нешто што треба да се земе предвид.
Генерално гледано, потребен ни е ресет на целиот трудово – правен систем и реформи кои ќе ги задржат нашите работници и младите луѓе во Македонија. Оние кои сакаат да заминат, секако ќе заминат, но поголемиот дел повеќе би преферирале да останат во државата, но за да се случи тоа ќе биде потребно да станеме земја во која има просперитет.