„Нивниот единствен грев е што се родени во корупција“
Не сакав воопшто да ја пишувам оваа колумна, но како некој што има обврска кон јавноста сметам дека сум должен да ги искажам моите ставови. Не планирам да навлегувам во трагедијата, тоа не е нешто што спаѓа во мојата сфера. Секако, би сакал да изразам сочуство до семјествата на оние кои загинаа во пожарот и да им посакам брзо закрепнување на повредените.
Би сакал вниманието да го насочам кон она за што пишувам од самиот почеток на мојата кариера – корупцијата. Сето ова што се случи во изминатите години, сите трагедии кои ја зацрнија Македонија, се резултат на корупцијата. Ќе речете, добро тоа го знаеме, но мислам дека мора да се повторува и да се нагласува, одново и одново, бидејќи некако тешко им доаѓа умот на оние кои се најзаслужни за корупцијата, а во тој куп не се само политичарите, туку и локалните моќници кои се алчни за пари, како и оние од пониските ешалони кои имаат своја цена.
Корупцијата прво започна да ни ги брка младите, а потоа и да им ги одзема животите. Затоа тие и се иселуваат и ќе продолжат да се иселуваат и понатаму. Ваквите трагедии само повеќе ги тераат да си го фатат патот некаде каде што корупцијата е минимална, а системот е функционален.
Отсекогаш сум бил оптимист дека работите ќе се променат на подобро, но силата на мојот оптимизам постепено опаѓа. Ваквите трагедии само дополнително го намалуваат. Се надевам дека истрагата ќе вроди со плод и дека оние кои се на некој начин одговорни ќе бидат казнети согласно законите, за колку – толку надежта во системот да ни се врати, па и оптимизмот да ни се подигне.

На вчерашниот мирен собир во Скопје прочитав еден транспарент чија порака директно продира во вистината. Таа, преведена од англиски, гласи: „Нивниот единствен грев е што се родени во корупција“. Навистина е така. Младите не се воопшто виновни што се родени во ваков трул систем, виновни се оние кои повеќе од 30 години дозволувале таа инфекција длабоко на навлезе во јадрото на системот.
Ставовите изразени во колумната не ги одразуваат официјалните ставови на редакцијата на порталот Работник
- КАКО ДА ОДГОВОРИТЕ НА ПРАШАЊЕТО „КОЛКАВА ПЛАТА ОЧЕКУВАТЕ?“ НА ИНТЕРВЈУ ЗА РАБОТА – ПРАКТИЧНИ СОВЕТИ НА ИЗАБЕЛА ШКОФ, СОВЕТНИК ЗА РАЗВОЈ НА КАРИЕРА [Видео интервју] - 17/04/2025
- МАКЕДОНСКИТЕ РАБОТНИЦИ СЕ ВИСОКО АНГАЖИРАНИ, НО МНОГУ ГНЕВНИ: Состојбата во Европа со ангажираноста на вработените со акцент на Македонија - 13/04/2025
- ЕДНО ПРАШАЊЕ: КАДЕ ДА ПРИЈАВАМ МОБИНГ? - 10/04/2025