КолумниНовости

Нова Влада, ново поглавје, но какво?

   Време за читање 2 минути

За почеток, новата Владаа, доволно е да ги почитува законските решенија кои се однесуваат на трудот и веднаш ќе се почувствува подобрување во однос на минатата. Впрочем, најголемиот проблем на гарнитурата на СДСМ и ДУИ е што не ги спроведуваа и ги прекршуваа законските прописи. Токму поради тоа, од страна на Светската Конфедерација на синдикати бевме рангирани како држава во којашто системски се прекршуваат работничките права. Да се надеваме дека во наредниот период ќе направиме голем напредок во однос на оваа сфера.

Владата се реорганизираше, па со тоа трудот во кој се опфатени односите помеѓу работодавачите и работниците, од Министерството за труд и социјална политика премина во Економија. Според дел од синдикатите и работодавачите ова е чекор напред со кој се става поголем акцент на трудот како една од најважните сфери во државата.

Ако се оди по логиката дека трудот има најголема врска со економијата, тогаш ова преместување е оправдано, но доколку не се почитуваат законите и не се цени секторот воопшто, тогаш и да добие свое министерство ќе биде залудно. Затоа од суштинска важност е оваа Влада да посветува големо внимание на истиот и да ги реши проблемите коишто ги остави минатата.

Пред сѐ, треба да се стимулира растот на продуктивноста, за со тоа да растат и платите. Токму тие се најболната точка на македонскиот работник. Потребно е и да се унапредуваат работните процеси; отворено да се разговара за намалување на работното време, воведување на хибриден начин на работа и работа на далечина, да се зголеми капацитетот на Државниот инспекторат за труд и да се обрне поголемо внимание на безбедноста и здравјето при работа.

Сметам дека нема потреба да се прави нов Закон за работни односи. Доволно ќе биде да се измени само актуелниот и во него да се додадат сите новини. Потребна е само политичка волја и континуиран социјален дијалог со сите засегнати страни.

Доколку оваа Влада не промени ништо на подобро, уште повеќе ќе се зголеми ризикот од тоа Македонија да остане речиси празна држава. Од неа ќе зависи колкави ќе бидат стапките на иселување во наредниот период.  

Бобан М. Илијевски

Новинар за работни односи, кариера и човечки ресурси