Колумни

Новинарството во Македонија – мака тешка ама неодолива

   Време за читање 4 минути

Автор: Бобан Илијевски

Релативно сум нов во новинарската професија, но веќе можам да ја испрецепирам тежината на работата којашто ме чека во иднина. Она што за речиси една година континуирано работење како новинар го заклучив е тоа дека колку и да се обидуваш да работиш објективно, балансирано и непристрасно секогаш ќе те обележат. Ќе те направат или дека си од едната или пак од другата страна. Реално не ми е воопшто гајле во која структура ќе ме стават, туку единствено ми е важно јас да ја работам оваа мачна, но толку исполнувачка професија. Работев келнер, работев како градежник, но единствно само оваа професија ми става насмевка на лицето и покрај сите тие пропатни работи коишто доаѓаат во пакет со неа.

Новинарството понекогаш знае да биде опасна професија. Во светски рамки, од 2006 година до ден денес убиени се 1.010 новинари поради извршување на својата работа. Новинарите, особено оние коишто се истражувачки новинари се постојана мета на „моќниците“ кои не сакаат нивните злодела да бидат откриени и ќе направат се по секоја цена за да ги спречат новинарите да ја откријат вистината. Новинарот како „чувар куче“ има должност да дојде до вистината и постојано да ги надгледува оние коишто ја имаат власта во свои раце, внимавајќи на секој нивен потег којшто отстапува од општествените правила, норми и закони. Еве еден пример, Гери Грант е американски политичар кој во 1988 година се кандидирал за Претседател на САД, но тој не ни успеал да оди на избори поради тоа што новинарите од Вашингтон пост откриле дека имал бројни афери со жени коишто ги сокрил од јавноста, па како последица на неговото криење и откритието на новинарите од овој познат медиум, јавноста го осудила, по што тој бил принуден да се откаже од изборите.

Во Македонија досега не се случило убиство на новинар и се надевам дека нема никогаш да се случи, но од друга страна преку корумпираноста на одредени новинари пополека се раскинува сржта на чесното новинарство во државата. Има голем број примери каде уредници и новинари се тесно поврзани со одредена политичка елита и се дирегирани од нивна страна за тоа што за кого да напишат, кого да нападнат и кон која страна да ја водат јавноста. Новинарот има големо психичко влијание врз јавноста, бидејќи тој ја креира таа јавна слика со која се обликува свеста на јавноста за одредена ситуација, настан и така натаму.

Новинарството навистина може да биде хумана професија, поради нејзината природа да се открива вистината, но за жал може да биде и деструктивна. Таа буквално има толку моќ што може да натера еден народ да помисли дека се ближи војна или пак дека се случил некој скандал, со цел да се пренасочи вниманието од нешто што е многу важно. Со два збора може да предизвика јавна паника. Не залудно светските, па и македоските асоцијации на новинари постојано апелираат на тоа да се почитуваат кодексот и законот и новинарите да работат во корист на јавноста, а не во своја корист. Сепак, одредени луѓе кои се дел од оваа сфера гледаат како можат да ја искористат најдобро во своја полза, на тој начин политизирајќи ја професијата и создавајќи кај јавноста мнение дека сите новинари се партиски насторени или поткупени од страна на некој, иако не е така и постојат голем број на новинари коишто својата работа ја извршуваат чесно и праведно, базирајќи се на објективноста, непристрастноста и балансираноста.

Знам дека ме очекуваат тешки препреки во оваа професија, но поради големата љубов кон истата подготвен сум да ги прејдам и да се борам со нив до самиот крај.

Колумната е дело на авторот и во ниеден случај таа не ги изразува официјалните ставови на Порталот Работник