ЕкономијаМакедонијаСветот на работникот

Новиот пакет мерки ќе опфати повеќе работници и компании

Компаниите ќе ги вратат назад - Работник
236views

Вчера Владата го донесе четвртиот пакет на мерки за помош на стопанството, работниците и граѓаните којшто е вреден 470 милиони евра и опфаќа 31 мерка. 

Според Претседтелот на Организацијата на работодавачи на Македонија Ангел Димитров, четвртиот сет на мерки, очигледно ќе биде многу по разновиден и ќе опфати многу повеќе компании, работници и граѓани од претходните три пакети.

„Позитивно е што во овој пакет мерката за субвенционирање на минималната плата ќе има повеќе скали и ќе овозможи компаниите кои имаат поголеми штети од КОВИД-19, да добијат и поголема помош. Исто така добро е што со мерките се опфатени само оние вршители на дејност кои се регистрирани и на тој начин се влијае на намалување на сивата економија која е присутна во голем обем во земјата“, вели Димитров за порталот Работник

Предлог текстот на мерките сеуште не е излезен, но од она што беше најавенод преставниците на Владата, јасно е дека компаниите кои не исплатиле плата а користеле мерки од третиот пакет и компаниите кои напуштиле работници, ќе можат да поднесат барање за четвртиот сет на мерки, само доколку ги исплатат неисплатените плати или ги вратат напуштените работници, вели Димитров. 

„Критериумот „напуштени работници“ во третиот сет мерки беше добро дефиниран затоа што во бројот на напуштени работници не влегуваат случаите на смрт на работникот, самоволно напуштање на работата или кршење на работниот ред и дисциплина. Имајки го сето ова во предвид сигурен сум дека поголем број на компании ќе се одлучат да ги вратат напуштените работници, за да можат да конкурираат за четвртиот сет на мерки“, истакна Димитров.

Стопанската Комора на Македонија смета дека Владата го остварила ветеното во услови на здравствено – економска криза

Со соопштение за четвртиот пакет мерки излегоа и од Стопанската Комора, од каде велат дека комората со донесувањето на 4 -тиот пакет на мерки гледа остварување на ветеното дека Владата на Р. Македонија и во услови на здравствено економска криза ќе стои зад компаниите.

„Тргнувајќи од досега преземените мерки, но и овие од четвртиот сет, а имајќи ги предвид состојбите и укажувањата на компаниите-членки на Стопанската комора на Македонија за очекуваното продолжено негативно влијание врз стопанството предизвикано од корона кризата, позитивен е пресвртот дека во дел од мерките поддршката нема да се однесува само на краткорочни мерки за санирање на последиците од кризата, туку се предвидуваат и системски реформи кои би се однесувале на целото стопанство“, велат од Стопанската комора на Македонија. 

Според нив, Најавеното намалување на увозните давачки за суровини и репроматеријали (измена на Царинската тарифа) е едно од приоритетните прашања за кое Комората има покренато барање да се пристапи кон ревидирање на царинските стапки. За извозно ориентираните компании, кои реално и сега и во иднина ќе ја држат економијата на нозе, оваа мерка е силна поддршка која значително ќе влијае на зајакнување на конкурентноста на домашните производи и можност за нивно поголемо присуство на странските пазари.

Велат дека ако производството на компаниите кои се извозно ориентирани е силно условено од увоз на суровини, репроматеријали и опрема кои не се произведуваат кај нас, а истите често се увезуваат од некои азиски држави или други земји кои не се членки на ЕУ, ЕФТА, ЦЕФТА, Турција и Украина, а од друга страна царинските стапки кај нас се поголеми од оние кои се применуваат за увоз од трети земји во ЕУ, нашата земја станува неконкурентна како локација за инвестиции и дополнително ги прави неконкурентни македонските производи, во споредба со земјите-членки на ЕУ.

Како втор приоритет го истакнуваат предвиденото намалување или укинување на дел од парафискалните давачки како предвидена мерка, што е, како што велат, повеќегодишно барање на Стопанската комора на Македонија.

Од таму велат бидејќи спроведувањето на оваа мерка дополнително ќе се разработува, Комората целосно ќе се вклучи во овој процес, тргнувајќи од податокот дека за оваа тема има изработено целосна анализа.

„Првиот чекор е да се пристапи кон промена на законската и подзаконска регулатива која е поврзана со неданочните и парафискалните давачки. Потоа, да не може да се воведе ниту една дополнителна давачка без согласност од Министерството за финансии или мислење доколку се работи за одлуки кои ги носи Владата“, посочија од комората.

Според нив, со ова значително ќе се ограничи можноста и денес воспоставената пракса каде различни органи или носители на јавни овластувања директно влијаат на бројот и основните елементи на одредени давачки. Преку воспоставување на Регистар на неданочни давачки ќе се направи и соодветна финансиска анализа и ќе се донесат соодветни решенија за оправданоста и целисходноста од постоење и воведување на одредени надоместоци и давачки, односно нивно укинување, бидејќи одредени давачки и сега покажуваат дека не поседуваат фискален капацитет, т.е. не остваруваат значаен фискален приход, а претставуваат значаен трошок, како за државната администрација која го утврдува и наплатува, така и за обврзниците кои ги плаќаат.

Велат дека од вкупно предвидените 30-тина мерки, покрај поддршката за исплата на плати за последниот квартал од годината, викенд без ДДВ и неколкуте мерки за помош на туристичко-угостителскиот сектор (враќање на туристичката такса за 2019 година, грантови за туристичките агенции и за рестораните кои организираат свадби, намалување на ДДВ-то за ресторански услуги и служење храна, плати за туристички водичи), како позначајни мерки за поддршка на стопанството ги издвојуваат следните:

  • намалување на увозните давачки за природен гас (во рамки на мерката за намалување на увозните давачки за суровини и репроматеријали);
  • нови 100 милиони евра поволни кредити кои ќе бидат на располагање на компаниите преку Развојната банка;
  • државна гаранција за кредити за поддршка на компаниите – преку комерцијални банки (65 милиони евра / 10 милиони државна гаранција);
  • гарантна шема – гаранција за обезбедување царински долг (25 милиони евра – 3 милиони државна гаранција);
  • одложување на плаќање на аконтациите на данок на добивка до март 2021 година;
  • одложено плаќање на ДДВ за 7 дена по поднесување на ДДВ пријавата;
  • зголемување на прагот со кој субјектите би биле дел од режимот на неоданочување со данок на добивка и зголемување на прагот со кој субјектите би влегле во режимот на вкупен приход;
  • признавање на расходите за тестирање како признаен расход за целите на данокот на добивка.

Истакнаа дека Стопанската комора на Македонија ги има иницирано овие значајни реформи во насока на зголемување на ликвидноста и конкурентноста на компаниите, што е сериозен чекор напред за реално решавање на проблемите и потребата од сериозна поддршка за стопанството.

Вчера стигнаа позитивни реакции и од синдикатите за четвриот пакет мерки, но и критика за тоа што, државната помош која овојпат ќе се дели согласно тоа колку се погодени компаниите, нема директно да легнува на сметките на работниците. 

Бобан Илијевски