Нови 261.000 работни места во октомври додадоа американските работодавачи

Американските работодавачи во неземјоделскиот сектор додадоа 261.000 нови работни места во октомври, што значи дека вработеноста во земјата останува многу силна.

Растот на вработеноста беше посилен од очекуваното и покрај зголемувањето на каматните стапки на Федералните резерви (ФЕД), што би требало да го залади моментумот на пазарот на трудот.

Во исто време, стапката на невработеност во САД се зголеми за 0,2 процентни поени на 3,7 отсто минатиот месец, додека стапката на учество во работната сила падна за една десетина од поен на 62,2 отсто, објави денеска Министерството за труд, пренесува CNBC.

Алтернативната мерка за невработеност, која ги вклучува работоспособните луѓе кои активно не бараат работа и работниците кои работат со скратено работно време од економски причини, исто така се зголеми на 6,8 отсто.

Просечната заработка на час се зголеми за 4,7 отсто во октомври во однос на претходната година и за 0,4 отсто месечно, сигнализирајќи дека растот на платите веројатно ќе продолжи да врши притисок врз инфлацијата.

Бројката за отворање работни места во септември беше ревидирана нагоре на 315.000, што претставува зголемување за 52.000 од првичната проценка, додека бројката во август беше намалена за 23.000 на 292.000 нови работни места.

Извор: denar.mk