МакедонијаСиндикат

НСП бара решенија за проблемите на нивните членови

НСП бара решавање на проблемите на нивните членови - Работник
315views

Напади од одредени поединици и организирани квазисиндикалци, работнички штетници, кои го злоупотребуваат законот за работни односи, лажење на членовите на Независниот синдикат на полицијата дека доколку се отчленат од синдикатот ќе добијат поголеми работни позиции, се само некои од проблемите, коишто ги истакна Претседателот на Независниот синдикат на полицијата – НСП, Гоце Делчев Тодев, ексклузивно за порталот Работник.

Според него полицискиот работник денеска се поистоветува со шалтерски работник на автобуска станица, заборавајќи дека и во Зимбабве, Бурунду и во Велика Британија, полицискиот службеник е лице за безбедност на државата.

Тој наведе дека последните 12 месеци, енормно се зголемил број на полициски службеници против кои се водат различни дисциплински постапки.

„Многу од тие дисциплински постапки се можеби оправдани, но недокажани, а најмногу од предлозите за поведување на дисциплински постапки се предмети за кои можеби нема никаква основа и во минатото за нив воопшто не се дискутирало“, рече Тодев.

Тој истакна дека проблемот на поголем број на полициски службеници е чекањето на полициските униформи, кои сеуште не се дадени. НСП сериозно го сфати овој проблем и во неколку наврати писмено и јавно се обратиле до надлежните органи.

Според него уште еден проблем е тоа што неколку синдикални Претседатели на синдикални организации, само затоа што имаат приближно 100% членство, биле незаконски преместувани на други работни места. Тој проблем наоѓа и во неисполнувањето на нивното барање за покачување на платите за 5% за Јануари, 5% за Октомври, со што и понатаму паричниот износ на полицискиот службеник е недоволен за нормален живот. Ниската плата на полициските службеници, само во месец март, резултирала со десетина откажувања на договорот за работа во полицијата.

Тодев појаснува дека од страна на Министерството за внатрешни работи до сега се прифатени бројни предлози за прашања, кои во минатото биле табу тема, но и понатаму остануваат нерешени прашањата за кои НСП преку синдикалните структури на специјалните единици, сообраќајната полиција, граничната полиција и криминалистичката полиција, ќе го известува министерството се со цел да се отстранат и надминат проблемите.