Колумни

„Обединети, победуваме – Раздвоени, губиме“

   Време за читање 4 минути

Автор: Бобан Илијевски

Зошто ни е потребен синдикат?

Било да е во јавен или во приватен сектор, во фирма со 50,000 или во фирма со 50 вработени, потребен е синдикат. Зошто? Затоа што здружени работниците имаат моќ, додека индивидуално не можат да направат ништо. Силата е во колективноста, во обединетоста и заедничката борба за подобри работнички права. Со оглед на тоа дека во нашата држава работничките права не напредуваат, потребно е помасовно здружување и гласно извикување на сите тие проблеми кои ги имаат работниците. Само така тие ќе можат да го добијат она што законски им следува.

Во нашата држава луѓето, за жал не ги доживуваат синдикатите како средства преку кои можат да дојдат до своите барања. Единствено само кога веќе немаат друг излез, тогаш се јавуваат за да побараат помош од синдикатот, а тогаш е веќе доцна, бидејќи синдикатот не ни е запознат за ситуацијата на тој работник. За нешто да се превенира, потребно е да се започне од почеток, а не од крајот. Затоа е потребно секоја битка да ја водат заедно и да пружаат поддршка едни на други.

Има многу примери на успешно здружено синдикално делување. Еден од нив е Самостојниот синдикат за образование, наука и култура кој од своето постоење од 1991 година па се до сега, социо – економскиот статус на просветните работници го има значајно унапредено. Последната нивна борба беше за зголемување на платите на просветните работници во основното и средното образование којашто заврши со нивна победа. Зошто тие победија? Затоа што со предупредувачкиот штрајк покажаа дека заедно се силни, а кога ја видоа нивната сила, дури и тие кои не се членови на синдикатот им се приклучија . Во една демократска држава, не ни требало да дојде до тој момент да синдикатот се заканува со протести, штрајкови или тужби, туку на работниците треба да им се даде она што според сите закони, меѓународното трудово право, конвенциите и декларациите им следува, но за жал, тоа кај нас не функционира така.

Она што е уште полошо е што некои од синдикатите дури одат до тој степен да постапуваат спротивно на интересите на работниците. Од овие постапки профитираат одредени поедници и тоа на грбот на работниците кои и поради тоа се разочарани и не веруваат дека некој ќе се бори за нивните права. Замислете во една прилика дури имав и можност да посведочам како еден од тие „синдикалци“, го брани работодавачот кој два месеци не им исплатил плати на своите вработени, правдајќи го со тоа дека од една западноевропска земја на парите им требало да пристигнат еден месец, додека пак во една друга фабрика која потекнува од Америка, а работи тука до 15 и дури порано во месецот можат да пристигант парите и да се исплатат навремено. На тие таквите „синдикалци“ топло им препорачувам да застанат од страната на работодавачите, за да не бидат контрадикторни сами со себе. Да ги остават оние правилните синдикалци да ги водат синдикатите и заедно да се борат со работниците за подобри работнички права.

И во поголемите компании потребно е сите работници да се држат заедно, за да не може работодавачот, жаргонски речено газдата, да ги уназадува нивните работнички права. Кога ќе застанат пред него здружени и ќе побараат нешто, тогаш тој нема тоа да го сфати несериозно и ќе гледа да најде некаков компромис со нив. Тука не завршува борбата. Работниците мора заедно да го извлечат најдоброто од тој компримис и со тоа да покажат дека нема да се откажат од своите барања.

И за крај би им порачал на работниците да се запрашаат дали ќе имаат некаков резулатат од водењето на осамена битка или пак својот резулатат ќе го постиганат ако се здружат во синдикат.

Ставовите на авторот на колумната во ниеден случај не ги изразуваат официјалните ставови на Порталот Работник