Оваа банка на жените работнички им нуди платено отсуство поради менопауза

Централната банка на Ирска нуди платено отсуство за вработените кои влегле во менопауза. Со ова, банката се приклучува кон растечката листа на компании кои се обидуваат да ги спречат жените да дадат отказ од работа.

Вработените ќе можат да земат до 10 слободни дена годишно ако имаа физички или психички проблеми поврзани со менопауза, објавила банката денеска.

Банката, која вработува околу 9,800 луѓе ширум светот, исто така ќе ги обучуваат менаџерите како да ги поддржат своите колешки кои поминуваат низ менопауза. Поголемиот дел од вработените се во Ирска и Обединетото Кралство.

Сакаме да им помогнеме на нашите колеги во сите фази од нивниот живот, вклучувајќи ја и менопаузата. Ова ќе ни помогне да продолжиме да градиме работно опкружување кое ќе се однесува чесно и достоинствено кон сите – рекла Џоан Хил, шефица за односи со вработените во банката, пишува CNN.

Најавата на банката е објавена во текот на првата ирска Недела за свеста за менопаузата и доаѓа откако се поголем број на компании во Британија и Европа, вклучувајќи ги Данск Банк и Делоит, воведуваат политики насочени кон менопаузата.

Истражено е влијанието на менопаузата врз кариерата на жените

Претходно оваа година, владата на Велика Британија основала Работна група за менопауза, со цел да го истражи влијанието кое менопаузата го има врз работниот живот кај жените, особено во подоцнежните години од нивната кариера.

Според студијата на ирското Одделение за здравје, повеќе од половина жени кои се во менопауза пријавуваат симптоми кои вклучуваат замор, проблеми со сонот, болки во зглобовите и бранови на жештина. Помалку од една третина рекле дека би се чувствувале пријатно доколку можат да разговараат со својот менаџер за своето искуство, покажало истражувањето.

Политиката на ирската банка доаѓа откако новото истражување, кое во вторникот го објавила компанијата McKinsey & Co, покажало дека жените на раководните позиции во САД најмногу даваат отказ поради неправеден третман на работното место. Жените на повисоки позиции имале повеќе од 1,5 пати веројатност од нивните машки врсници, да дадат отказ од работа, бидејќи сакале да работат за компанија која е повеќе посветена кон различноста, еднаквоста и инклузијата, се наведува во истражувањето.

Во Обединетото Кралство, една од 10 вработени жени кои биле во менопауза, дале отказ поради симптомите, покажува овогодинешниот извештај на Fawcett Society, добротворна организација за женски права. Посебното истражување на банката Standard Chartered и британската Комисија за вештини за финансиски услуги покажало дека голема е веројатноста дека четвртина од жените ќе заминат предвреме во пензија поради менопаузата.

Извор: BIZLife

Фото: Unsplash