НовостиСветСветот на работникот

Оваа земја е новиот рај за здравствените работници- Им нудат огромни плати и повеќе слободни денови „за на плажа“

   Време за читање 4 минути

Рекорден број на незадоволни лекари и болничари сакаат да ја напуштат Велика Британија поради работа од околу 100,000 фунти во Австралија, а Дубаи би можела да биде нивната следна омилена дестинација. Австралија се обидува да ги намами со огласи во кои ветува големи плати и повеќе денови одмор за „уживање на плажа“.

Речиси 25,000 пријави за добивање на документи потребни за работа во странство биле испратени до британското здравствено регулаторно тело во 2022 година, пишува лондонскиот „Мејонлајн“.

Ова значајно ја преминува бројката од 10,000 од периодот пред ковид кризата. Претставниците на британските здравствени служби предупредиле дека „егзодусот само што започнал“ и рекле дека статистиката треба да ги „зачуди“ министрите и да ги покрене во акција.

Незадоволните лекари велат дека пандемијата открила колку малку се ценети во Велика Британија, на што се должат и брановите на штрајкови ширум земјата. Тие, истовремено, се намамени со ветувања за плати кои достигнуваат и до 130,000 фунти во Австралија, како и подобра рамнотежа помеѓу работата и приватниот живот. 

И Австралија започнала со низа на „безобразни“ тактики, како што е поставување на мобилни билборди кои ги укажуваат предностите на живеењето во земјата и тоа на местата каде што британските здравствени работници организирале протести. „Мејлонлајн“ пишува дека некои од здравствените работници кои се преселиле таму, се пожалиле дека не го живеат ветениот „сон“.

Британскиот здравствен персонал кој сака да се пријави за работа во странство мора да добие документи од својот регулатор, Генералниот медицински совет, како дел од пријавата. На тој начин на потенцијалните работодавачи им докажуваат дека немаат никакви лоши оценки во досието, дека обуката им е ажурна и дека можат да им се доверат пациенти.

„Мејлонлајн“ пишува дека минатата година речиси 7,000 лекари се пријавиле за документи, што е за 6,100 повеќе од 2019 година. Податоците за оваа година сугерираат дека егзодусот ќе биде уште поголем, бидејќи само до мај се пријавиле речиси 3,500.

Кај болничарите, медицинските сестри и бабиците, бројките се уште поголеми. Речиси 16,000 слични пријави биле поднесени во 2022 и 2023 година. Во 2018 година, таа бројка била нешто помала од 5,500. Се чини дека чистите плажи и сончевото време убедиле многумина да побараат работа во Австралија.

Оваа земја е на врвот на листата по вкупен број на пријави во двете професионални групи. Меѓутоа, Австралијанците не се единствените заинтересирани да „уловат“ висококвалификуван британски здравствен персонал. Пријавите на лекарите за работа во Обединетите Арапски Емирати речиси се удвоиле, од 550 во 2019, на нешто повеќе од 1,000 во 2022 година.

Нив таму ги привлекуваат поголемите плати без данок кои можат да дојдат со поволности како што се субвенционирано сместување и огромен пакет за отсуства од работа. Пријавите за болничарки во САД претрпеле уште подраматична екплозија. Минатата година достигнале до 6,433, што е речиси за десет пати повеќе во однос на 2017/18. И лекарите и болничкиот персонал се во долготраен спор со британската влада поради платите, што резултирало со бранови на штрајкови и откажувања на илјадници термини за обичните Британци.

Тие тврдат дека инфлацијата го прави трудот на здравствените работници неисплатлив. Министрите, меѓутоа, трвдат дека барањата на синдикатите за двоцифрено зголемување на платите едноставно се нереални и дека би биле на штета на пациентите. Постојат многу малку знаци кои укажуваат на некаков компромис во иднина и додека спорот продолжува, листите за чекање во британските болници растат, а се‘ повеќе здравствени работници се пријавуваат да ја напуштат земјата.

Извор: Telegraf Biznis

Фото: Shutterstock