ЕкономијаМакедонијаНовостиСветот на работникот

ИМААТ ОГРОМЕН БАЗЕН НА РАБОТНИЦИ, НО НЕ ЗНААТ КАКО ДА ГИ ИСКОРИСТАТ – Само оние во сивата економија се 84,000 на број

   Време за читање 4 минути

Во интервјуто кое неодамна го направивме со Кристијан Кожески, докторанд по економски науки на Економскиот факултет при УКИМ, разговаравме и за активноста на населението на пазарот на трудот која стагнира веќе подолго време.

Нашиот соговорник во текот на интервјуто се осврна на неколку податоци, кои според него, покажуваат дека Македонија има потенцијална работна сила, само потребни се таргетирани мерки за тој потенцијал да се активира.

„Последните податоци на Државниот завод за статистика покажуваат дека во нашата земја во 2022 година согласно главните средства за живот коишто ги добиваат неактивните лица, повеќе од 291,121 лице констатирале дека своите главни средства за живот ги црпат од платите и пензиите на членовите од домаќинството во коешто живеат. Понатаму, високи 48,000 неактивни лица на пазарот на трудот имаат социјални бенефиции и социјална помош, што укажува на тоа дека можеби премногу долго се оди со пасивните политики. Околу 21,000 од потенцијалните работници кои во 2022 година биле неактивни, како примарен извор на приходи констатираат дека тоа им се паричната помош од членовите на домаќинството или роднини што работат во странство“,

истакна Кожески.

Како што рече, дел од овие категории на граѓани имаат висока веројатност да се интегрираат на пазарот на труд, но за да се интегрираат потребни се политики и мерки.

„Особено активни мерки за квалификација, преквалификација, стекнување со соодветни вештини коишто се дефицитарни во моментов, но ќе бидат и во наредниот период. Поради ова, потребни се мерки кои ќе влијаат на конкурентноста на работниците, затоа што гледаме дека периодов се организираат разни саеми коишто нудат работа во земјите од Европската унија, што упатува на фактот дека македонскиот работник ги има потребните квалификации и со одредено дообучување или преквалификација може да придонесе за зголемена вредност на пазарот на трудот, но и во економијата, воопшто“,

рече Кожески.

Според него, доколку сакаме да ја подобриме активноста на пазарот на трудот, мора да имаме предвид еден многу значаен аспект – високиот степен на сива економија во Македонија.

„Иако неформалните економски активности се премногу тешки за прецизно да се измерат, во последните истражувања, во кои лично имам учествувано, се вели дека неформалната економија се движи од 24 до 33 % од БДП-то, што значи дека имаме висок степен на неформална вработеност во неформалниот пазар на труд. Податоците покажуваат дека во 2022 година, 84,000 работници биле вклучени во неформалниот пазар на труд. Оттука, само замислете кои би биле придобивките за овие лица, но и за формалната економија и ако сакате за државниот буџет, доколку тие станат дел од формалната економија“,

објасни Кожески.

Значен индикатор за потенцијална работна сила, вели Кожески, е и оној на Меѓународната организација на труд, која има податоци и за Македонија.

„Во 2022 година, тие дошле до податок дека изнесува 52,000 работници, од кои 31,000 се со средно образование, 14,000 се со основно образование, а останатите се поделени на другите квалификации согласно степенот на образование. Ова покажува дека Македонија сѐ уште има работници кои може да бидат апсорбирани и интегрирани на домашниот пазар“, .

констатираше докторандот.

Според него, загрижувачки е тоа што податоците на МОТ, исто така, покажуваат оти 17,800 работници кои се со средно образование, спаѓаат во категоријата на обесхрабрени работници кои не веруваат дека ќе најдат работа.

„Замислете, имаме речиси 18,000 обесхрабрени работници, 84,000 коишто се дел од неформалниот сектор и околу 291,121 лице коишто се неактивни и кои своите средства ги црпат од платите и пензиите на членовите на семејствата. Сите овие работници се еден вид предизвик и потенцијал на македонскиот пазар на труд. Оттука, ваквите податоци мора да се имаат предвид кога ќе се креираат и дизајнираат мерките и политиките на пазарот на труд“,

наведе тој.

Бобан М. Илијевски

Новинар за работни односи, човечки ресурси и кариера