ЕкономијаМакедонија

Одобрена финансиска поддршка за инвестициите на 49 компании во вкупен износ од 53,4 милиони евра

Одобрена финансиска поддршка - Работник
39views

Во продолжението на 12-тата редовна седница кое што се одржа вчера, Владата на Република Северна Македонија го разгледа извештајот на Агенцијата за странски инвестиции, дополнет со мислењето на Комисијата за евалуација за исполнетост на условите, за пристигнатите барања за склучување на Договор за доделување на финансиска поддршка на инвестициите пристигнати преку Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот, согласно Законот за финансиска поддршка на инвестициите.

Од извештајот на Агенцијата, потврдено со мислењето на Комисијата, на повикот за финансиска поддршка на инвестициите, согласно Планот за економски развој и Законот за финансиска поддршка на инвестициите за 2020 година аплицирале 54 компании за нови договори и 11 компании за измена/дополнување на договорот, односно за анекси на претходно потпишани договори.

Од 54-те барања за финансиска поддршка на инвестициите за нови договори, одобрени се апликациите на 39 компании, а од пристигнатите 11 барања за анекси, одобрени се 10 апликации на компании за поддршка на нивните  инвестиции во тековната година, согласно условите и критериумите утврдени во  Законот за финансиска поддршка на инвестициите.  

Максималниот годишен износ на финансиската поддршка по овој основ е од 10% до 20%, од реализираната инвестиција, но не повеќе од 1.000.000 евра.

Вкупниот износ одобрена поддршка за инвестициите за компаниите од двата пакета изнесува 53,4 милиони евра.