Од закани, до пцовки, па и полошо: Овие работни позиции со право се најстресни
Автор: Бобан Илијевски
Како новинар и познавач на приликите и неприликите во сферата на работните односи, имам обврска да ги посочувам проблемите со кои се соочуваат оние за кои најмалку се зборува во јавноста. Така, инспириран од моето минато, решив во ова писание да се осврнам на две круцијални занимања и на луѓето кои се бават со истите.
Последен пат за вработените во маркетите и продавниците пишував за време на пандемијата, а идејата за тоа ми произлезе од фактот што овие работници беа на самиот фронт, односно беа најмногу изложени на опасниот вирус. Сега, после три години, повторно ги ставам истите во центарот на вниманието. Причината за тоа е желбата да посочам дека нивната улога во нашето општество воопшто не е намалена или е помалку важна од пред три години.
Во 2015 година имав можност преку лето да работам во еден маркет во мојот роден град, како пакувач – помошник на касиерите/ките. Тогаш навистина се уверив колку овие работници и работнички се потценети од страна на муштериите. Имаше ситуации кога одредени поединци покажувајќи ја својата некултура, дрско им се обраќаа на жените кои работа на каса, кои едвај наоѓаа време да земат пауза за јадење од големата гужва. Други пак, им се закануваа дека ќе ги кажат на сопствениците, бидејќи во нивните очи биле бавни, а редиците, како што јас и самиот посведочив, беа долги како патнички воз со педесет вагони и речиси сите кои чекаа во истите имаа по неколку колички полни со артикли.
И покрај тоа што и самите поединци можеа да видат колкави се редиците, од касиерките очекува да бидат роботи и со брзина на светлината да ја извршуваат својата работа.
Сега можеби вработените во маркетите се поплатени од претходно, но праксата на нивно омаловажување од страна на одредени поединци и понатаму продолжува. Згора на тоа, треба да внимаваат и на оние кои сакаат нешто скришно да изнесат од продавниците, а доколку тоа им успее, ќе треба истите работи да ги плаќаат од свој џеб. Тука не ги исклучувам и останатите кои работат во маркетите. И тие се соочуваат со слични проблеми.
Според мене, работата во маркет или продавница навистина умее да биде неблагодарна.
Второто занимање кон кое сакам да го насочам вниманието се келнерите. Едно неодамнешно истражување на јужнокинескиот универзитет утврди дека келнер е нај стресната професија од сите. И тоа е точно. Знам од лично искуство, но знам и од искуството на оние кои се бават со истата.
Еден од најголемите проблеми со кои се соочуваат келнерите е некултурата од страна на муштериите, но и потенцијалната можност некои од нив да заминат од угостителскиот објект без да платат. Колку што можам да се сетам, мене ми се нема случено вакво нешто во мојата кратка авантура како келнер, но им се има случено на луѓе кои ги познавам. Со ова, не само што келнерите се ставени под дополнителен стрес, туку им се нанесува и финансиска штета, бидејќи тие ќе мора да ја платат сметката на оној кој му текнало да стане и да замине без да плати.
И после „муштеријата секогаш е во право“. Ајде ви се молам. Тоа е тешка глупост. Потребно е да се има кодекс и да се знае како треба еден муштерија да се однесува во угостителски објект, а не да го опцуе келнерот или да му удри шамар и да нема никакви последици по него, бидејќи „тој бил во право“.
Потребни се многу промени и подобрувања, но пред сѐ, потребно е да се работи на подобрување на општата култура.
Фото: Freepik
*Ставовите изразени од авторот не ги отсликуваат официјалните ставовои на редакцијата на порталот Работник
Новинар за работни односи, човечки ресурси и кариера -
- Labor Relations, HR, and Career Journalist