ИнтервјуаСветот на работникот

Од модел до просветен работник – Интервју со Маја Глигоровска

1.39Kviews

Работник: Зошто ја напуштивте модата и започнавте да работите како просветен работник?

Maja: Сметам дека таков е природниот тек на работите, не познавам манекенка или фото модел кај нас која се пензионирала работејќи како модел. Сите ние имаме други таленти или интереси. Мојата желба од секогаш беше да работам како наставник со деца, сметам дека ја познавам нивната психа и дека сум добар педагог. По манекенството секој си го наоѓа својот пат. Ова беше мојата најголема желба и не згрешив при изборот.

Работник: Како се одрази тој преоден период врз вашиот живот?

Маја: Всушност кога влегов во овие води влегов и во брак, а на свет го донесов и мојот син Тино. Се остварив како мајка и ја сменив професијата. Излегов од комфорт зоната и влегов во нешто непознато, секојдневно учев и се надградував…секако дека мојот живот се промени од корен.

Работник: Дали мислите дека просветните работници се ценети во општеството?

Маја:Сметам дека сме ценети бидејќи кај нас децата поминуваат половина од денот. На нивниот раст, развој и образование вилјаеме многу. Ги насочуваме, а дома вежбаат и го утврдуваат градивото. Ние сме важна алка во процесот на создавање здрави нови генерации. Од тој аспект сметам дека професијата со која се занимавам и мојата работа има тежина.

Работник: Според вас што треба да се направи за да се унапреди статусот на просветните работници во Македонија?

Маја: Секако дека ако зборуваме за унапредуање на статусот на просветните работници, веднаш се потсетуваме на финансиите , често пати се полемизира на тема дека не сме доволно платени. И можам да се согласам. Но тоа е процес и верувам дека ќе се избориме за повеќе. Просветните работници во странство имаат подобар статус.Некој ги препознал нивните заложби. Верувам дека и овде ситуацијата ќе се промени на подобро.

Работник: Што им порачувате на оние коишто сакаат во иднина да работат со деца?

Маја: Им препорачувам дека треба да се определат за оваа професија само ако чувствуваат дека ќе бидат неизмерно среќни работејќи како наставници/професори. Најдобро го работите она што го работите од љубов. За децата ви треба трпеливост и внимателност. Треба да се поставите како авторитет, но истовремено да им бидети и другари. За тие да се почувствуваат добредојдени да споделат со вас се што ги мачи но и ги прави среќни.

Работник: За крај, како успевате да изгледате фит, секогаш средено и модерно? Кој е рецептот за добриот изглед?

Маја:  Морам да признаам дека ме погодивте со прашањево. Јас сум од оние кои не се потковани само теоретски, туку го живеат тој живот и сите правила за здравјето и убавината ги спроведуваат во пракса. Тоа подразбира дека она што генетски сум го наследила (бидејќи во моето семејство нема гојазни луѓе), се трудам да го одржам како форма, да останам фит бидејќи ми овозможува чувство на леснотија. Удобно ми е во облеката која ја носам…и секако на тој начин сум и самата задоволна од она што го гледам во огледалото. Не можам да кријам дека ми значат и ми годат позитивните коментари на околината. Дека сум секогаш скоцкана/дотерана. По 30тата година ми е потешко да ја одржам линијата како и на сите жени. Тоа значи дека не вечерам по 19часот. Во мојата исхрана изобилува овошје, зеленчук, риба, мешунки.. Далеку од тоа дека јас не посегнувам по брза храна – но ако знам дека денес сум претерала слeдните неколку дрна се казнувам и сум само на течности. За да ми бидат ткивото и кожата вакви покрај исхраната јас тренирам во континуитет, вежби со сопствена тежина и кардио тренинзи. Секако дека правам и третмани како мадеротерапии и слично кои се се попопуларни на нашиве простори. Со нивна помош правам дренажа за подобра циркулација на организмот. Значи покрај мајка природа, за да изгледам вака денес правам максимален влог и сум дисциплинирана. Прво нешто што правам секое утро – се качувам на вага. Доколку видам килограм плус не се смирувам додека не го симнам. Син ми е голем гурман, затоа се трудам да му ги наметнам моите правила да се храни здраво, го носам на кошарка, го учам дека она што го внел важно е да го потроши. И така некако правиме баланс.