Од работата на црно, на минимална плата заштедуваат 9,564 денари по вработен, на повисоките уште повеќе
Бобан Илијевски
Сивата економија е една од најголемите „црни дамки“ на Македонија. Според достапните податоци, таа изнесува од 21,3 % до 39, 5 % од Бруто-домашниот производ.
Владата креираше Стратегија за формализација на неформалната (сива) економија, која беше започната во 2018, а заврши минатата година, но според бизнис секторот истата изобилувала со анализи и констатации, а мерките кои ги содржела биле општи и формални и само мал дел од нив биле имплементирани.
Порталот Работник испрати прашања до Министерството за труд и социјална политика за тоа како напредуваме во справувањето со сивата економија и какви резултати дала Стратегијата. Од таму добивме одговор дека прашањата треба да ги доставиме до Министерството за финансии, па така и постапивме, но не добивме одговори ниту од ова ресорно Министерство.
На минималната плата заштедуваат 9,564 денари, на повисоките повеќе
Претседателот на Собранието на Организацијата на работодавачи на Македонија, Ангел Димитров, за порталот Работник вели дека очигледно е дека напорите на Владата и надлежните институции да се справат со сивата економија не се доволни.
„Македонија направи една добра рефрома со воведувањето на интегриран систем на наплата на даноци и придонеси од работен однос – познатиот МПИН и тој функционира одлично за вработените кои се пријавени во системот на социјално осигурување“, рече тој и додаде дека се‘ уште е голем бројот на работници кои работат на црно, се непријавени и земаат плата во плик.
Сивата економија им е исплатлива на некои работодавачи, бидејќи како што вели Димитров, тие само на минималната плата „заштедуваат“ 9,564 денари по вработен, а на поголемите плати уште повеќе.
Како државата се справува со сивата економија?
Универзитетскиот професор Марјан Петрески за порталот Работник вели дека нема информации дали е усвоено продолжување на Стратегијата чија примена заврши во 2022 година, додавајќи дека таа била прва од таков тип и била солидна основа за справување со сивата економија.
Сепак, не може да се оцени колку оваа стратегија била остварена, бидејќи не постои јавен документ за тоа.
„Сигурен сум дека некои аспекти на стратегијата се спроведени, некои други се отпочнати, а кон некои трети воопшто не е пристапено, дел заради административни неефикасности, дел поради тоа што се утврдило дека како активности се несоодветни“, вели Петрески.
„Потребен е пан-институционален пристап“
Универзитетскиот професор Марјан Петрески вели дека проблем е што не постои координативен мехенизам кој таа работа ефективно ќе ја турка во позитивна насока, ќе овозможи синхронизација на чинителите и активностите и кој на крајот ќе обезбеди информации за напредокот.
„Дури и оваа истечена стратегија да имала примарна надлежна институација, чинам тоа беше Министерството за труд, тоа е недоволно. Сегментите на сивата економија се прошируваат далеку над јуристикцијата на ова министерство, се разбира, кај министерствата за финансии, економија, Управата за јавни приходи, Инспекторатот за труд, Пазарниот инспекторат, па дури и кај некои институции кои се од неекономска тематика“, вели Петрески.
Според него, за да се види било каков напредок во делот на справувањето со сивата економија, потребен е пан-институционален пристап, чиј „главен штаб“ ќе биде или во премиерскиот кабиент или на некое слично ниво.
Петрески е убеден дека без тоа, и со нова стратегија, топката само се ќе префрла од еден чинител на друг и повторно нема да се види значен резултат.
Сивата економија, вели Петрески, е скриена и тешко препознатлива на прв поглед, па поради тоа се нема прецизен поглед за значајноста на формите во кои таа се јавува.
„Дали е тоа потизвестување со неиздавање фискални сметки, со манипулација на други документи, со непријавување работници, со доисплаќање плати во плико или нешто друго. Ги има сите овие форми, но треба прво да знаеме која е нивната релативна важност, за да не излезе дека користиме драматично големи ресурси за справување со мал проблем, односно дека користиме атомска бомба да отепаме мравка“, истакна Петрески.
Неговиот заклучок е дека имаме отсуство на дијагностика. Поради тоа има големи шанси една стратегија за справување со сивата економија да биде неуспешна.
Повеќе мерки во борбата против сивата еконија
Димитров од ОРМ вели дека институциите често се жалат дека за справувањето со сивата економија им се потребни повеќе инспектори и дека немаат доволно капацитет.
„Но, јас сметам дека начинот на борбата со сивата еконија треба да се смени и да опфаќа повеќе мерки, а не само контрола на терен. Познато е дека во Агенцијата за вработување имаме регистрирано 116,000 невработени лица, а на огласите за вработување немаме доволно кандидати. Сигурен сум дека голем број од овие лица работат на црно, особено лицата кои немаат оформено средно образование кои заземаат 50 % од невработените“, вели Димитров.
Според него, Агенцијата треба да направи интервју со овие лица за тоа зошто не се пријавуваат на огласите за вработување и ако забележи дека истите „не сакаат да работат“, тоа може да биде знак да се вклучи инспекцијата за труд.
Управата за јавни приходи, посочи тој, според повратот на ДДВ, може да алармира за лицата кои се невработени, а имаат значителна потрошувачка. Потребно е да се намали и плаќањето во кеш, а да се стимулира плаќањето со кредитни картички, за да се добие подобра слика за приходите на секое семејство. Сето ова, вели тој, може да се искористи во борбата против сивата економија.
„Денес сите зборуваме за дигитализација, вештачка интелегенција, а нашите институции не се поврзани за да можат во реално време да ги споредуваат податоците“, додаде Димитров.
Поради тешката состојба предизвикана од падот на бројот на вработени, иселувањето на младите, големите дефицити на Фондовите за пензиско и здравствено осигурување, трговскиот дефицит, зголемувањето на долгот кон странство, борбата со сивта економија мора да се зајакне, алармира Димитров.
Истражувањето на Институтот за економски истражувања и политики Finance Think, објавено во Бриф за политиките бр. 58, вели дека сивата економија во Македонија од 31,6 %, колку што изнесувала во 2006 година, била намалена на 23,2 % во 2020 година. Во брифот за политиките се потенцираат повеќе причини кои влијаат сивата економија да се движи во нагорен тренд. Една од нив е и поголемиот раст на минималната плата од растот на продуктивноста.
Поголема сива економија може да предизвика и воведувањето на регулативни мерки на пазарот на труд, додека воведувањето на регулатива при постоење низок даночен морал на фирмите предизвикува намалување на сивата економија.
Се нагласува и дека и со олеснување на трошокот на трудот кај фирмите може да се стимулира намалување на сивата економија.
Finance Think нагласува и дека најголемото намалување на сивата економија се случило по воведувањето на рамниот данок во 2007 година, за време на финансиската криза (2009) и по воведувањето на минималната плата (2012) година.
- Секој четврт вработен во Германија работи од дома (Анкета за читателите) - 25/03/2025
- Дарко Шпер и понатаму штрајкува со глад, Извршниот одбор на синдикатот Независност одржал седница во РТВ - 24/03/2025
- Одлучувачки при вработување: 10 брзо растечки вештини кои компаниите сакаат да ги видат во вашето CV - 24/03/2025