ИнтервјуаНовости

ОД РАБОТНИКОТ САКААТ ДА НАПРАВАТ РОБ: Интервју со Димитријевиќ од Левица за законските измени

   Време за читање 9 минути

Интервју на порталот Работник со координаторот на Трудовиот сектор на Левица, Александар Димитријевиќ, во коешто разговараме на повеќе прашања, меѓу кои и за зголемувањето на прекувремната работа кое се планира да се направи преку носење на измените на Законот за работни односи кои ги предложи Владата. Со него разговараше Бобан Илијевски.

Димитријевиќ се надева дека нема да се донесат овие измени, потенцирајќи дека тоа не зависи од Левица чии пратеници, како што вели, нема да гласаат за, бидејќи има само двајца, туку од СДСМ, ВМРО – ДПМНЕ и албанските партии кои имаат пратеници во Собранието.

Работник: Левица поднесе повеќе од 7,000 амандмани на предлог законските измени кои ги поднесе власта, а кои се однесуваат на изградбата на коридорите 8 и 10д. Денеска измените на Законот за работни односи беа ставени пред пратениците. Што можеме да очекуваме сега? Дали мислиш дека истите ќе бидат донесени?

Димитријевиќ: Владата потпиша договор со „Бехтел и Енка“, во којшто се обврзува да промени закони. Се знае дека во Македонија законодавен дом е Собранието и единствено само Собранието може да менува закони. Тоа значи дека Владата уште на почетокот направи пропуст на ниво на кривично дело, односно потпиша договор за кој вели дека е деловна тајна и со кој се обврзува да промени закони.

Законите се донесени за да се регулира одредено човеково поведение, во интерес на народот, така што Владата уште од старт не смееше да се впушти во процес на потпишување ваков договор, со којшто императивно е менување на закони. Сега на ред е Собранието кое го предложи и стави на гласање, а имаше и неколку седници по повод амандманите што ги поднесе Левица, но истите беа одбиени поради немањето на слух од страна на Владата.

Во врска со второто прашање, не можам да претпоставам што ќе се случи во Собрание. Левица, за жал, има само двајца пратеници, така што, товарот на одлучување за иднината на работниците во Македонија паѓа на СДСМ, ВМРО – ДПМНЕ и албанските партии кои имаат пратеници во Собранието. Левица нема да гласа за, а за другите ќе видиме.

Работник: Делегацијата на Европската унија во Македонија реагираше на користењето на европското знаменце апелирајќи дека истото се злоупотребува, но Владата продолжи да си тера по свое. Каква порака испраќа сето ова за нас како држава?

Димитријевиќ: Прво беа предложени осум закони кои ќе требаше да го олеснат градењето на автопатите кои секако беа на штета и на територијалниот интегритет, и на државата и на сите осум сектори кои ги опфаќаа тие закони, како на пример Законот за археолошки наоѓалишта. Потоа, три закони беа повлечени, а пет беа пуштени по кратка постапка, меѓу кои еден од нив е и Законот за работни односи.

Евро-амбасадорот Дејвид Гир ѝ порача на Владата дека ова што го прави не е во духот на европските вредности затоа што европското знаменце се користи за закони коишто се усогласуваат со европското законодавство и за да се скокнат некои протоколи за да побрзо се донесе законот, а не нови закони коишто регулираат одредени поведенија во општеството. А тие го злоупотребуваат, ќе го злоупотребуваат, исто како што го правеа тоа и во минатото. Сето ова укажува на фактот дека политичарите во Македонија кога им одговара ги слушаат советите на ЕУ, а кога не, ги игнорираат. Сепак, од ЕУ знаат кои политичари го злоупотребуваат европското знаменце, па при промена на власта може да има реперкусии.

Работник: Колкави се шансите, доколку се донесат овие законски измени, да бидат злоупотребувани од одредени компании во приватниот сектор?

Димитријевиќ: Не сакам ни да помислам дека воопшто може да се донесе ваков закон. Пред некое време истражував и дознав дека за првпат кралот Филип Втори во Шпанија, во 1594 година, со кралски едикт ја организирал работата на осум часовно работно време. Значи во 16 век е веќе имплементирано осумчасовното работно време како заштита на здравјето на работниците, а ние после пет века сакаме да донесеме закон кој ја зголемува прекувремената работа. Секако дека ако пројде во јавен сектор, ќе пројде и пројде и во приватниот. Ние сме капиталистичко општество, а капиталот има силно лоби и исто како што се случи со Законот за недела неработен ден, ќе се случи и со овој Закон.

Работник: Во Европа и во многу држави ширум светот работното време се намалува со цел да се привлече работна сила од надвор, бидејќи речиси секаде има недостиг од истата. За разлика од овие држави, ние сакаме да го зголемиме работното време. Зошто како држава не можеме да се насочиме кон овие европски, па и светски текови?

Димитријевиќ: Од целата реторика што ја слушаме овие денови, јас забележувам дека работникот го ставаат како изолиран дел од општеството. Како работникот да е нешто кон коешто ние трагаме, како нешто што треба да го направиме за да го добиеме или изгубиме. Работникот е до нас и во нас. Ние сме работниците. Работниците се најбројна класа во општеството, што значи дека тоа што го прави Владата го прави за најбројната класа во општеството. Конкретно, за нашата држава – не се иселуваат само работници, туку се иселуваат луѓе со цели семејства со намера никогаш да не се вратат назад.

И Европа ги губи луѓето затоа што одат да работат во подобри услови. На подобри услови не се мисли само поголема плата, туку и подобри човечки услови. Секој работник сака професионално да ги работи своите работни задачи, да биде платен за тоа и да има хумани услови. Да е безбеден и здрав, да има квалитетен одмор и квалитетна храна. Проблемот е во тоа што ние сме капиталистичко, а не социјалистичко општество. Гледаме дека државите каде што има социјалистички системи дека повеќе се развиваат економски, а семејствата како јадро им се поздрави.

Работник: Од Министерството за труд и социјална политика уште на почетокот рекоа дека од самите работници ќе зависи дали ќе работат прекувремено, односно дека прво ќе се бара нивна согласност, притоа додадоа дека еден час прекувремена работа ќе им се плаќа 35 %. Дали со ова се обидуваат да ги намамат работниците во ризик да си ги стават безбедноста и здравјето за да заработат повеќе пари?

Димитријевиќ: Работниот однос е траен однос во кој работникот создава своја професија или свое занимање коешто треба да му трае низ целиот професионален век, се до негово пензионирање. Кога работникот решава да се занимава со одредена професија, сигурно не планира да работи прекувремено, да си го оштети здравјето и да си го намали работниот век или по завршувањето на професионалната кариера да падне болен. И во самиот Закон за работни односи е нормирано кога може да се работи прекувремено. Ако работниот процес налага работниците да работат прекувремено, секојдневно, тоа значи дека компанијата има дефицит на работници, а тоа пак значи дека треба да се ангажираат дополнителни работници.

Секогаш кога се работи прекувремено треба да се извести Државниот инспекторат за труд, за инспекторите да утврдат дали прекувремената работа е штетна за луѓето. Ние ги имаме веќе тие норми со кои работникот е заштитен, но и покрај тоа, не се почитува делот околу известувањето на ДИТ од страна на јавните претпријатија. Инаку, прекувремената работа е најголема причина за нарушување на здравјето на работното место, а и го нарушува балансот помеѓу приватниот и професионалниот живот.

Работењето по 12 часа е ропство, бидејќи освен одење на работа и спиење, работникот нема да има време за себе и за своето семејство.

Бобан М. Илијевски

Новинар за работни односи, кариера и човечки ресурси