ЕкономијаМакедонијаСветот на работникот

Од следната недела огласи за мерките од четвртиот пакет кои се во надлежност на Министерството за економија

Од следната недела огласи - Работник
45views

На почетокот на следната недела ќе бидат објавени мерките од четвртиот антикризен пакет што се во надлежност на Министерството за економија, соопшти денеска министерот за економија Крешник Бектеши.

– Огласите веќе се готови. Во петок ќе имаме уште една владина седница каде ќе ги усвоиме програмите. Од понеделник или вторник ќе бидат објавени сите мерки кои се реализираат од страна на Министерството за економија како што се враќање на туристичката такса, грантовите за туристичките агенции, за туристичките водичи, за игротеките, изјави Бектеши, одговарајќи на новинарски прашања по промоцијата на потпроектот „Чаршиски туризам во општина Чаир” – дел од „Проектот за локална и регионална конкурентност”.

До крајот на оваа недела ќе биде објавен и јавниот повик за набавка на алати и репроматеријали за занаетчиите во вкупен износ од 20 милиони денари.

– Како никогаш досега во текот на оваа недела ќе објавиме оглас од 20 милиони денари со цел да им овозможиме на занаетчиите да останат во живот. Подготвуваме и стратегија за развој на занаетчиството, рече Бектеши.

Најави дека како поддршка на занаетчиството,  од почетокот на следната година се планира и намалување на ДДВ-то од 18 на 5 проценти.

Во однос на угостителите кои трпат загуби поради пандемијата и ограничувањата со работното време, Бектеши рече дека овој сектор не е заборавен, туку дека со различни мерки е поддржан од почетокот на кризата. Ако продолжат ваквите рестриктивни мерки, вели Бектеши, ќе се направи анализа за загубите и доколку има штети, ќе биде креиран нов сет мерки.