Правда

Од 156-тата седница на Владата: Усвоен Предлог-планот за ветинг во МВР…

Од 78-та седница на Владата - Работник
174views

На вчерашната 156-та седница, Владата на Република Северна Македонија го утврди текстот на Предлог-законот за контрола на опојни дроги и психотропни супстанции чија цел е спречување и сузбивање на злоупотребата на опојните дроги и психотропни супстанции, спречување на недозволено производство и промет на опојни дроги, психотропни супстанции и растенија од кои може да се добие опојна дрога, и супстанции кои можат да се употребат за производство на опојни дроги или психотропни супстанции и заштита на животот и здравјето на луѓето и контрола на опојните дроги и психотропните супстанции, објави владината прес-служба.

Предлог-законот, меѓу другото, предвидува одгледувањето на канабис за медицински цели да биде дозволено само на правни лица кои имаат одобрение за одгледување на канабис донесено од Министерството за здравство, по претходно добиена согласност од Владата, како и дека секоја измена во сопственичката структура треба да биде одобрена од страна на Владата.

Во текстот на предлогот за закон во оваа дејност се наведува дека компаниите кои ќе се стекнат со лиценца за производство на канабис во медицински цели, ќе бидат должни да уплатуваат средства во висина од 10% од вкупниот износ без пресметан ДДВ на излезната фактура за продажба на производи согласно овој закон, на соодветна сметка, кои се приход на Буџетот на Република Северна Македонија. За овие средства, како прилив во Буџетот на државата, Владата на Република Северна Македонија ќе донесува посебна програма за нивната намена и начинот на користење во која приоритет ќе имаат лековите за ретки болести и други приоритети во здравствената заштита.

Дел од овие средства ќе бидат наменети и за одржливо финансирање на Агенцијата за контрола на одгледувањето и екстракцијата на канабис и производи од канабис за медицински и научни цели, како самостоен орган на државната управа со својство на правно лице, која се предвидува да биде основана согласно овој предлог-закон.

Утврдениот текст на предлог-законот за контрола на опојни дроги и психотропни супстанции ќе биде ставен на јавна расправа.

На оваа своја седница, Владата на Република Северна Македонија ја усвои Информацијата за потребата од изградба на ново основно училиште во Гази Баба во Идризово, донесе одлука со која ѝ се укажува на Општина Гази Баба да ги преземе сите активности и да достави барање до Министерството за образование и наука за изградба на ново основно училиште во Општина Гази Баба во Идризово за соодветната парцела согласно потребите за бројот на ученици, елаборат за енергетска ефикасност, геодетски елаборат со нумерички податоци за градежната парцела и позитивен извештај за основниот проект.

Во врска со оваа информација Владата го задолжи Министерството за образование и наука да започне со постапка за изградба на ново основно училиште во Општина Гази Баба во Идризово.

До изградбата на новото училиште, Владата на Република Северна Македонија заклучи да ѝ препорача на Општина Гази Баба да се води од законските одредби за основното образование и од принципите што произлегуваат од концептот едно општество за сите, како и од заложбите за интегрирано образование, во договор со родителите на учениците да ги обезбеди сите услови што ќе бидат потребни децата да учат таму каде што ќе одлучат родителите.

На оваа седница, Владата на Република Северна Македонија ја разгледа и усвои информацијата и Предлог-планот за мерки, активности и динамика на спроведување на процесот на проверка (ветинг) на вработените во Министерството за внатрешни работи, и го задолжи министерот за внатрешни работи, најдоцна до 21 октомври 2019 година, да ја формира работната група утврдена за спроведување на процесот на ветингот на вработените во Министерството за внатрешни работи и преку Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија да побара во работната група да земат учество најмногу тројца претставници од политичките партии во Собранието на Република Северна Македонија, кои ќе бидат во улога на набљудувачи на процесот на ветинг во Министерството за внатрешни работи.

Планот го изработи Работната група, во која покрај претставници на Министерството, учествуваат и претставници на академската заедница, Македонскиот полициски синдикат, ОБСЕ, Амбасадата на САД, како и претставници од невладиниот сектор.

На вчерашната седница Владата на Република Северна Македонија го разгледа и усвои Предлогот за поведување постапка за водење на преговори за склучување на Договор меѓу Република Северна Македонија и Република Грција за реализација на Проектот за изградба на Интерконективен гасовод меѓу двете држави, и го овласти министерот за економија, Крешник Бектеши, како шеф на делегацијата од Република Северна Македонија да го парафира текстот на Договорот по постигнувањето согласност на преговорите.

На вчерашната седница министрите во Владата го разгледаа и утврдија новиот текст на Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за одбрана, и донесоа одлука тој да биде доставен до Собранието на Република Северна Македонија на усвојување.

Законот за одбрана се менува и дополнува со цел да се усогласи законодавството од областа на одбраната со обврските и правилата во НАТО, особено во сегментот на применливоста на членот 5 од Северноатлантскиот договор. Овој член ја уредува надлежноста на Владата за одлучување за влегување и излегување на вооружени сили на странски држави, внатре и надвор од територијата на Републиката, поминување или престој во врска со учество на вежби, обука, хуманитарни операции, меѓународни операции, НАТО мисии и операции и во примената на правото на индивидуална или колективна самоодбрана, операции за кризен менаџмент и кооперативна безбедност, како и во команди, штабови и воени единици на меѓународни организации на територијата на Републиката.

На оваа седница Владата го разгледа и утврди Предлог-законот за ратификација на Спогодбата меѓу Владата на Република Северна Македонија и Кабинетот на министри на Украина за условите за заемни патувања на државјаните, кој предвидува олеснување на патувањето на државјаните од Северна Македонија и од Украина без обврска за поседување виза, под услов должината на нивниот престој да не надминува деведесет дена во текот на секој период од сто и осумдесет дена.

Извор: Vlada.mk