- Advertisement -
КолумниНовости

Океј е што ги замрзнаа цените, дури откако пораснаа, но кога ќе се одмрзнат платите?

Бобан Илијевски - Работник
1.95Kviews

Колумна на Бобан Илијевски

Конечно им текна дека треба да ги замрзнат цените на основните прехранбени продукти. Малку доцнат, бидејќи веќе цените скокнаа доволно високо, за да граѓаните потрошат малку повеќе од своите скромни плати. Сепак, како и секогаш ќе мораме да се прилагодиме. Да, мислам дека од што сме толку прилагодливи на ситуациите треба да ни го дадат епитетот „Камуфлирани“, како гуштерите кои се камуфлираат за да го зграпчат пленот или за да се сокријат кога тие самите се пленот.

Веќе многупати досега имам пишувано за високите цени, поскапувањето и т.н., но сепак невозможно е да се избегне. Ова е дневна тема на македонските граѓани. Во последно време, кога ќе влезам во продавница или во некој поголем маркет, често ги гледам изразите на лицата на луѓето (носат маски, но очите кажуваат доста работи) и истите ги анализирам, особено кога плаќаат на каса. Додека некои од нив се рамнодушни, односно ја имаат прифатено тежината на состојбата и си имаат речено „Тоа е тоа“, други ги поткреваат веѓите, што значи дека се шокирани од тоа колку малку купиле а колку пари плаќаат за истото, кога касиерката ќе им каже колку изнесува сметката, што реално е очекувана реакција. Истата реакција и јас сум ја имал кога сум бил во слична ситуација.

Факт е. Парите немаат вредност. Цените ги замрзнаа во следните 60 дена, но што потоа? Уште колку пати ќе ги замрзнуваат? Потребно е да се изнајдат начини коишто би помогнале да се ублажат трошоците за живот или инфлацијата во иднина, бидејќи ако продолжат да растат цените, ни две минимални плати нема да бидат доволни за да се покријат трошоците наменети за основните продукти.

Моментално сме втора држава во Европа каде што вработените се изложени на ризик од сиромаштија. ВТОРА. Пред нас е Романија која е во нешто слична ситуација како Македонија. Мислам дека е крајно не ферски и нехумано да вработен не може да си дозволи да живее достоен живот и да стравува во текот на месецот дали ќе му стигнат пари или не.

На работниците во другите држави им успева да се прилагодат на вакви ситуации, бидејќи платите им се по мерка на трошоците. Во самите плати има пресметано дел за храна, дел за режиски трошоци и дел за киријата којашто ја плаќаат. А кај нас, основните трошоци ги надминуваат платите. Еве ви пример: 20,000 денари плата. Толку во просек земаат оние коишто не се на минимална плата, а 70 % од народот примаат минимална плата, па и плата помала од минималната. Доколку си сам и земаш 20.000 денари плата, а притоа треба да купуваш храна, да плаќаш режиски трошоци и кирија, овие пари тешко дека ќе ти стигнат. Плус ќе мораш да ги елиминираш сите непродуктивни трошоци, што значи дека ако си пушач, ќе треба да ги оставиш или намалиш цигарите, како и излегувањата во град, народски кажано, да ги сведеш на многу ретки. Сега тука да бидеме реални, ако секој ден правиш големи трошоци, тогаш ни плата од 1,000 евра не те пере. Дури и во Германија, каде што платите се многу поголеми од кај нас, луѓето не трошат пари за рекреативно – забавни цели секој ден. Поентата ми е дека треба да се забавуваме во животот, но притоа да внимаваме колку често тоа го правиме. Мислам дека ме сфативте што сакам да кажам и дека можеби се согласувате со мене, а и да не се согласувате е во ред. Секогаш почитувам туѓи мислења.

Без да должам премногу, би сакал на крај да заклучам дека мора да се направи систем за самите плати и истите да се расподелат соодветно на основните трошоци на месечно ниво.