ИнтервјуаНовости

Оние што најгласно се жалат дека нема работници, најмногу ги прекршуваат работничките права, вели Ампева (ИНТЕРВЈУ)

   Време за читање 11 минути

Ако текстилната индустрија има ниска додадена вредност, зошто тогаш некои од работодавачите имаат хотели, ресторани и вили во странски држави? Ова е едно од прашањата кои ги постави Претседателката на „Гласен Текстилец“ Кристина Ампева, во интервјуто за порталот Работник.

Со неа разговаравме за недостигот на работна сила, како резултат на прекршувањето на правата на работниците кога тие беа во поголема бројка во Македонија, за, според работодавачите, ниската додадена вредност на текстилната индустрија и за тоа колку се прекршувале работничките права во изминатиот период. Со неа разговараше Бобан М. Илијевски.

Во продолжение интервјуто.

Работник: Работодавачите велат дека прекршувањето на работничките права кога во Македонија имаше многу повеќе работници од сега им се вратило како бумеранг, бидејќи денес работната сила има сѐ помалку. Како гледате на ова?

Ампева: Ние тоа го зборуваме од основањето на „Гласен Текстилец“. Во периодот од 30 години, платите беа од 5 до 7 илјади денари. Во тој период имаше работници „да ги кинеш од дрво“, но не беа ценети нивниот труд, број, работа и продуктивност. Потоа ни се случи корона кризата, па воената криза, каде што дополнително она што 30 години го правеа добар дел од работодавачите продолжија да го прават. Не би сакала да генерализирам и да кажам дека сите се експлоататори, не ги почитуваат законите и правата. Меѓутоа, она што не беше ниту ценето кај работниците, ниту се автоматизираше и се модернизираше производството кај 90 % од работодавачите во текстилната индустрија, сега гледаме дека доаѓа до израз.

Кога се случи корона кризата, а потоа и воената криза, сите брендови заминуваа од Украина, но заминуваа и од останатите земји коишто беа блиски до Русија. Тоа беше некоја геополитичка состојба којашто, дефинитивно, влијаеше и кај нас, како и на целиот свет.

Тогаш во Македонија и на Балканот дојдоа многу брендови. Многу од нив беа заинтересирани да се запознаат со условите кои ги има на Балканот и во Македонија, поради близината до европските пазари. Меѓутоа, наместо да имаме бенефит од тоа, ние се соочивме со немањето доволно работници. Старосната граница на работниците кои ги има во тој сектор е таква каква што е. Дополнително, ние сме навикнати да шиеме само за лон производство, да шиеме женски кошули и пантолони; научени сме да шиеме во мал број машки кошули и пантолони. 90 % од производството е лон производство. Наместо соодветно да се приближат до останатите брендови, на пример имавме еден бренд којшто шиеше ски опреми, и кога ме запрашаа дали има некаде (дали може некаде да се шие), бидејќи е скап спорт и бара повеќе инвестирање, бара друга автоматизација на производство и сл., кога се распрашував дознав дека го немаме тука и не можеме да одговориме на тие потреби.

Дополнително, според она што разговарав со некои организации коишто работат со брендовите, бидејќи имаме соработка и со брендови и со организации коишто во нивното членство имаат брендови, муабетот беше дека брендовите знаат оти во Македонија старосната граница е таква каква што е и дека Македонија им е несигурен пазар.

Она што го слушаме сега, дека немало работници, па брендовите си заминувале, морам да кажам дека за сето тоа требаше да се знае дека ќе дојде. Морам повторно да потенцирам дека ние од 2017, зборевме дека ќе дојде до тој момент и сега имаме иселување на младо и старо од Македонија и немаме доволно инвестирање во овој сектор, немаме никаква модернизација во производството и не можеме да одговориме на барањето на брендовите. И така, еден сектор којшто има традиција и историјат уште пред Југославија, според нашите истражувања, гледаме сега дека не можеме да одговориме на барања. И сега треба да се простиме од таа индустрија?

Странските инвестиции повеќе ги почитуваат законите и правата на работниците (К-15, годишен одмор, минат труд, прекувремена работа…), а многу од домашните компании не ги почитуваат, па затоа не уживаат добра репутација. Ако само се кука по телевизиите од страна на работодавачите, тоа не е воопшто добро. Има брендови коишто сакаат да бидат тука и би платиле дефинитивно и повеќе, бидејќи нема да мора да ја носат и порачуваат робата од Кина или Индија. Во Македонија им е подобро, бидејќи и во соседните држави има текстилна индустрија, но ние не можеме да одговориме на нивните потреби.

Работник: Работодавачите велат дека текстилната индустрија е со ниска додадена вредност, со оглед на тоа дека прави помалку профит. Што мислите околу ова?

Ампева: Де факто, лон производството е тоа. Речиси и да немаме свое производство, бидејќи ретки се тие кои имаат свој бренд и свое производство. Тие се 10 %. За време на Југославија сме имале сопствено производство и свои суровини, а денес тие компании се ретки. Да, ниска е додадената вредност, но еве нека ми објаснат како тоа работодавачите, од Штип и регионот, изградија хотели, ресторани, имаат еден куп вили надвор од државата? Тоа што имаме лон производство е нивна вина. И сега што? Се покачи минималната плата и сега ќе се вадиме со тоа дека немаме продуктивност. А каква продуктивност сакаме да имаме кога на работниците не им даваме соодветно годишен одмор. Им даваме по четири – пет дена годишен одмор (фала Богу, што тие конфекции се сѐ помалку и помалку и не само конфекции, туку и фирми во приватниот сектор), благодарение на нас и на вас медиумите.

Не треба да заборавиме дека трошоците за живот се зголемени, од режиски трошоци, па до храна и хигиена. За овие трошоци не е доволна платата што се зема. Меѓутоа да се жалиме дека мала е додадената вредност, епа мала е. Требало да се ангажирате и во овие 30 години да ја обновите автоматизацијата, да не ги користите машините од време на Југославија коишто ви останале после приватизацијата и сега можеби ќе сме одговориле на потребите на пазарите.

Ние имаме партнери во Шведска, има некои брендови кои сакаат да дојдат тука, но не наоѓаат партнер. Зошто? Поради тоа што немаме познавање да шиеме нешто повеќе од тоа што веќе го шиеме.

Работник: Колку се прекршуваат работничките права денес, кога, како и што наведов погоре, работници има сѐ помалку?

Ампева: Дефинитивно работите се промените од порано, но оние коишто најгласно се жалат дека немаат работници и дека нема додадена вредност, дека шиеме лон производство и дека државата треба да помогне или дека требаат работници и потребен е увоз на работна сила, тие се оние коишто не ги почитуваат работничките права.

Оние кои работат законски, коишто се трудат и кои се вистински работодавачи, ниеднаш нема да ги видите на телевизија да речат тешко е. Тие се некаде во позадина и воопшто не се согласуваат со ставовите на организациите на работодавачи, кои и да се. И дополнително, работодавачите кои не ги почитуваат работничките права немаат никаква соработка ниту со здруженија, навикнати се да си имаат еден синдикат кај нив и тој да потпишува спогодби за нула денари К-15, да не покренува некоја постапка против фирмата… Ги следам трендовите кои се и што се, така што никогаш нема да ги видите оние работодавачи кои работат законски, да се жалат дека немаат работници. Она што е многу интересно е што кај ваквите работодавачи нема синдикати, но и покрај тоа ги почитуваат сите прописи.

Во последниов период повеќе нѐ бараат за мониторинг на судски рочишта од работен однос, за повреди и смрт на работно место, за кривични пријави, како злоупотребување на службена положба од страна на управители на фирми. Одиме на постапки за побарување на права од работен однос, а сега ќе започнеме и една тужба за дискриминација на работно место поради бременост, раѓање и родителство. Некако луѓето во последно време нѐ бараат за мониторинг на судски случаи, што е интересно и покажува дека работниците имаат доверба во „Гласен Текстилец“ и нѐ бараат да одиме на судења, поради недовербата во судскиот систем, судење во неразумен рок итн.

Овој период повеќе добивавме поплаки за решенија за годишен одмор, а соодветно на тоа беше испраќан Инспекторатот за труд за да провери на терен зошто се дадени само четири работни дена одмор во август месец, а останатите се викенди и неработни денови. Сепак, мора да се потенцира дека во најголем дел годишниот одмор како право се испочитува.

Имаме и тектонски поместувања со брендовите, има некои брендови што се затвораат, а тоа ќе го почувствува цела Македонија, бидејќи е еден поголем германски бренд кој, според моите сознанија, се затвора. Мислам дека е добро да се следи оваа состојба со организации како што е FairWear Foundation.

Една од причините поради кои брендовите си заминуваат е што Турција е земја блиска до земјите – нарачатели и имаат многу капацитети, па таму ги преселуваат капацитетите. Во Македонија има и преземање на фирми, како што е примерот во Пробиштип, каде што новите сопственици, откако ја презедоа фирмата, им ги исплатија трите заостанати плати на работниците (кои им ги должеше претходното раководство). Тука се покажа дека соработката помеѓу една невладина организација и работодавачи е на високо ниво.

Морам да нагласам дека сега веќе не одиме само со националните институционални механизми, туку соработуваме и на интернационално ниво. Колку и да не нѐ почитуваат тука како организација, има интернационални компании кои ги ценат нашето размислување и нашата работа.

Бобан М. Илијевски

Новинар за работни односи, човечки ресурси и кариера