Колумни

Онлајн наставата е најдобро решение за да се заштитат децата од корона вирусот

Онлајн наставата - Работник
101views

Од 1 – септември треба да започне учебната година, но овој пат во услови на пандемија од вирусот Ковид – 19, од кој 12,083 лица досега се заразени, што за една држава како Македонија е релативно голема бројка. Она на што треба да се обрне најмногу внимание се нашите најмлади – децата којшто одат во градинка, основно и средно училиште. Знаеме дека училиштата можат да бидат жариште на вирусот поради тоа што нема гаранција дека доколку децата започнат класична настава дека ќе ги почитуваат мерките за заштита од Ковид – 19, па поради тоа најдобро е да се учи онлајн, барем додека не стивне пандемијата и додека не се најде лек за вирусот.

Мислењето помеѓу родителите е поделено. Некои од нив сакаат децата да одат во училиште, додека пак други сакаат тие да продолжат да учат онлајн. Мое лично мислење е дека треба да продолжат да учат онлајн, бидејќи како и што споменав погоре многу е тешко да се внимава на тоа дали ученците ќе ги почитуваат мерките за заштита. Мислам дека и многумина од нив нема да сакаат да носат маски. Ова го кажувам бидејќи движејќи се по градот каде што живеам постојано забележувам дека младите не носат маски, па оттука е логично човек да помисли дека мали се шансите да носат маски на училиште каде што ќе треба да ги носат седум наставни часови. За да не бидам погрешно разбран, ова не го велам за да им противречам на родителите кои сакаат децата да имаат класична настава, туку едноставно само сакам да го насочам вниманието кон тоа дека сеуште е премногу опасно по нивното здравје да одат на класична настава. Јас сум убеден дека Министерството за образование и наука и Бирото за развој на образованието ќе воведат еден унифициран софтвер за одржување на онлајн наставата, кој ќе им помогне и наставниот кадар и на учениците, за да можат да продолжат со своето образование. Оттука, морам да нагласам дека се согласувам со вчерашната изјава на Министерот за здравство, Венко Филипче за Канал 5 телевизија дека првачињата треба да одат на училиште, бидејќи пред се е потребно да се навикнат на наставниот процес, а тоа нема да го постигнат дома. Со добро испланирани протоколи сметам дека тоа може да се изведе. Надлежните сигурно ќе најдат соодветно решение со кое наставата во училиште за првачињата ќе биде остварлива, но воедно и безбедна.

Сепак, треба да се запази на уште едно нешто, а тоа е работното време на наставниот кадар. Тие ја играат клучната улога во образованието на децата, но воедно имаат и свои семејства со кои треба да бидат, па доколку Комисијата за заразни болести одлучи да се оди со онлајн настава за учениците, освен за првоодделенците, треба многу да се запази на балансот помеѓу работниот и приватниот живот, како и да не се дуплираат часовите на наставниот кадар. МОН треба добро да го испланира и ова, бидејќи не смее да се дозволи приватниот живот на наставниот кадар да трпи поради не воспоставено работно време. Онлајн наставата е новост кај нас, за разлика од Западните земји, па поради тоа мислам дека треба да се согледаат нивните примери и да се водиме според нив, се разбира прилагодувајќи ги на наши услови, затоа што нашиот и нивниот менталитет се различни.

Образованието е еден од најважните аспекти од нашиот живот кое ја обликува нашата иднина и кое е од големо значење за понатамошните животни подвизи. Свесен сум дека физичкото присуство во училница не може ништо да го замени, но во вакви околности треба да се најде решение со кое ќе се заштити здравјето на децата, но и наставниот кадар.

Исто така, клучно е и да се размисли убаво за децата коишто одат во градинка која во најголем дел служи за да тие се социјализираат. Но, тука морам да се согласам со СОНК за тоа дека оние родители коишто работат од дома, да не ги испраќаат своите деца во градина, додека оние коишто мораат да одат на работа, кои немаат друг избор, да ги испратат во градинка. Треба и да се внимава на бројот на децата, бидејќи од претходни искуства познато е дека некаде имало деца и над законски дозволената бројка. Сепак, крајната одлука е на властите и родителите. Ние „набљудувачите“ можеме само да дадеме наше мислење кое можеби нема да биде од голема корист, но сепак различните мислења се здрави за секое демократско општество.   

Бобан Илијевски

Колумната е дело на авторот и во ниеден случај не ги изразува официјалните ставови на порталот Работник