
Општинскиот противпожарен сојуз во Гевгелија организира акција за делење на флаери со цел за заштита на шумите од пожари во летните месеци. Во сабота, на 29 јуни, во времето од 9 до 12 часот, екипа составена од членови на противпожарниот сојуз, на ТППЕ- Гевгелија, на Македонски шуми ПЕ „Кожуф“, на Шумската полиција и припадници на Полициска станица -Гевгелија, ќе делат посебни флаери на возачите на моторни возила кои ќе се движат по регионалниот пат Гевгелија-Смрдлива вода, во близина на селото Ново Конско.
Во флаерот „Само Вие може да ја заштитите шумата“ се укажува на превентивните мерки кои треба да се применуваат и почитуваат кога се престојува во шумите, но и воопшто на сите други места, бидејќи предизвиканиот пожар брзо се шири кон шумските предели.
„Посебно предупредуваме да не се пали отворен оган во шума и стрништа, да не се спалува непотребна вегетација во близина на шумите, да се отстранува непотребната вегетација покрај јавните патишта, да не им се дозволува на децата да си играат со запалки и целосно да се изгасне користеното огниште“, велат во општинскиот Противпожарен сојуз Акцијата на општинскиот противпожарен сојуз во Гевгелија за превентивна едукација и опасноста од пожари во летните месеци е подржана од општина Гевгелија. Граѓаните може да пријавуваат доколку забележат пожар на телефонскиот број 193 во дежурната служба на ТППЕ-Гевгелија
Извор: Општина Гевгелија