„Откако кажав дека имам 20 години искуство, го прекинаа повикот“ – Сведоштво на 58 годишна невработена жена
Лицата над 50 години се соочуваат со голема невработеност, но и со дискриминација. Според податоците на Агенцијата за вработување, бројката на невработени лица на возраст од 55 до 59 години изнесува 15,501 лице.
Повозрасните невработени лица се соочуваат со дискриминација. Неодамна, до редакцијата на порталот Работник се обрати една жена од Скопје којашто поради разбирливи причини сакаше да остане анонимна. Таа има 58 години и пред ковид пандемијата имала свој бизнис, но поради последиците од пандемијата морала да стави клуч на врата. Како и секој човек кој ќе остане без работа, таа уредно се пријавила во Агенцијата за вработување, но и започнала да следи огласи и да испраќа CV-ја.
„Уредно се пријавив во Агенцијата за вработување и започнав да испраќам CV-ја на огласите за вработување. Се пријавив на голем број на огласи, но или ќе ми се јават и кога ќе слушнат колку години имам ми спуштаат, или воопшто не ми се јавуваат. За во државно воопшто не пробувам, за таму треба да имаш некој да те вработи“,
вели нашата соговорничка.
Неодамна се соочила со едно непријатно искуство кога човек од некоја компанија ѝ се јавил во врска со нејзината апликација за работното место.
Пред еден месец ми се јави човек од една компанија каде што испратив CV, ми објасни околу компанијата,а потоа ме праша што имам работено, на што му реков дека имав свој бизнис 20 години, за да тој ми рече само ‘Фала. Пријатно’ и да ми спушти. Можеби очекуваше некоја помлада. По се изгледа дека никој не сака да вработи постар човек,
посочи 58 годишната жена.
Дискриминирањето на постари лица има и име кое гласи – „ageism“ (ејџизам), чија дефиниција гласи вака: Ејџизмот е вид на дискриминација врз постарите лица поради негативни или неточни стереотипи.
Жената со нас сподели и едно искуство со работодавачот кој не сакал да им ги исплатите платите на своите вработени.
Се јавив на оглас и ме повикаа на работа. Ми рекоа дека прво ќе имам обука која ќе трае од 7 до 15 дена. Бев таму 15 дена заедно со уште три жени кои таму работеле веќе неколку месеци и на кои требало да им даде плата. Истата не им ја исплати. Му се јавуваме на телефон, но не‘ блокира,
истакна нашата соговорнича.
Таа испрати апел до Владата да обезбеди мерки и за постарите лица кои не можат да најдат работа. Ние испративме прашање до Илинденска бр. 2, но од таму не добивме никаков одговор.
Со оглед на тоа дека најголема невработеност бележат лицата на 50 години, можете ли како Влада да им овозможите мерки кои или би им помогнале финансиски или пак би им овозможиле вработување. Исто така, до каде е Вашата надлежност во тоа да ги стимулирате компаниите да вработуваат постари лица?
гласеше нашето прашање.
Нашата соговорничка се вбројува во оние над 290,000 граѓани кои се работоспособни, но зависат од приходите на членовите од своето семејство. Кај неа причината поради која не работи, не е тоа што не сака, туку оти не може да најде работа.
Фото: Freepik