Магазин

Отпадот што го фрламе ни се враќа сервиран на трпезата! Колку сме свесни за ова?

67views

Човекот како да заборава дека е дел од природата, а таа од време на време ни “удира шамар“ за да се освестиме. Така барем велат кога ќе се случи некоја природна катастрофа.
Но, дали ние луѓето сме свесни дека со систематското уништување на природата и претераното искористување на природните ресурси го загрозуваме опстанокот на човечкиот род?! А секое сквернавење на природата е удар кон самите себе.

Отпадоците кои не ги селектираме и немарно ги фрламе наоколу се носат во депониите. Депониите се прв извор на бактерии и заразни болести. Згора на се, шират непријатни мириси и привлекуваат инсекти, птици, глувци, кучиња и мачки – скитници кои потоа ги шират заразните болести. Дали ви поминува таа мисла во глава додека вашето дете гали некое животинче во парк?

Отпадот скапува, бактериите и штетните организми се размножуваат неверојатно брзо, се создаваат отрови кои навлегуваат длабоко во земјата и кои со протокот на подземните води и водата од дождовите ги загадуваат и земјоделските површини кои се во близина, па и пошироко. Така што со секое неселективно фрлање на отпад, влијаеме на загадувањето и придонесуваме отровните води да дојдат во допир со зеленчукот и овошјето што го јадеме и со водата што ја пиеме, што претставува причина за многу болести. Депониите се сериозна опасност за заедницата, сметаат од компанијата Пакомак која веќе години наназад го прифати предизвикот да едуцира и да влијае на развивање на еколошката свест во нашата земја.
Кога ќе се затвори кругот излегува дека отпадот што го фрламе ни се враќа сервиран на трпезата. Ова звучи шокантно, но има за цел да не освести и вразуми.
Човекот ја узурпира и деградира животната околина со неконтролирано градење и бетонирање на зелените површини и густите шуми. Географски топономи исчезнуваат од географските карти како да ги проголтала земјата. А тоа човекот и неговата алчност срушиле ридови, направиле каменоломи и грабаат камен од природата за да си ги украсат скалилата и огништата. Кога ќе се измести целата релјефна рамнотежа, “шлаканицата“ на природата се свлечишта и одрони опасни по човечкиот живот и населените места.
Шумите се сечат немилосрдно и непречено без никој да се грижи за листата на која се додаваат 10 нови животни на работ на исчезнување. Исчезнувањето на некои животинки од нивните природни животни средини значи нарушување на синџирот на исхрана и потенцијал за исчезнување на нови животни чија храна повеќе ќе ја нема. Колку е иронично што и човекот е дел од синџирот исто така.
Зарем не е иронично што постојано се надеваме на услови за живот на Марс или друга резервна планета кога живееме во најубавата оаза во вселената, барем до каде што им е познато на научниците и астронаутите. Да ја зачуваме планината Водно, чистината на реката Радика, на нашите езера и паркови. Да запреме со нашата лакомост! Должни сме да се погрижиме животот и убавината на природата никогаш да не згаснат.
Во моментов Пакомак има склучено договори за постапување со 868 компании, кои според доставениот извештај за 2019 година заедно пуштаат на пазарот повеќе од 50.000 тони отпад од пакување. Како прв и најголем постапувач со отпад на територијата на Северна Македонија, Пакомак останува единствената компанија со дозвола за работа до 2025 година што претставува голема сигурност за сите компании членки на системот на Пакомак .
Најголемите македонски компании кои се здружени во системот за управување со амбалажен отпад во изминатата година создале вкупно 50.377 тони отпад од пакување, што претставува 43,78% од вкупниот удел на пазарот, кој изнесува 115.000 тони амбалажен отпад за 2019 година. На овој начин Пакомак придонесува за реупотреба на амбалажните материјали, што резултира во заштеда на природните ресурси, а со тоа и за заштита на чистата и здрава животна околина.

“Ако се родев некаде во вселената, на друга планета или во друг сончев систем, најсилно ќе посакував да ја посетам планетата Земја. Таа е прекрасна.“
– Дејвид Браун.

“Сега знам зошто сум тука. Не за да ја видам одблизу Месечината, туку да се свртам и да поглледнам кон нашиот дом, планетата Земја.“
– Алфред Ворден

Замислете си поглед кон планетата Земја каков што имале овие астронаути на своите мисии во вселената. Еден поглед од таму би ја изменил нашата свест засекогаш.
Обидете се за миг да си ја претставите таа глетка во фантазијата. Чудесно, нели?!

Глупоста човечка најдобро би можела да се илустрира преку овие страшни примери за загадување на водите.
Реката Риачуела во Аргентина некогаш била рајска флора и фауна, а денес важи за најголем површински тоалет во светот. Секојдневно во реката завршуваат 325.000 тони отпад и токсични течности. Реката, некогаш извор на живот, сега претставува закана за 5 милиони локално население. Зарем сите тие 5 милиони луѓе не разбраа дека самите фрлија олово, жива и други штетни хемиски супстанци во водата и ја направија токсична средина.
Потресува и растажува фактот дека во реката Цитарум во Индонезија, долга 320 километри, се влеваат токсични отпадни води од 500 текстилни фабрики. Луѓето успеале за само 20 години откако значително се зголемил бројот на население во овој регион да “умрат“ една река, па уште ја нарекла и “мртва река“. Денес речниот пејсаж се милиони пластични амбалажи кои плутаат по површината и по некој сиромав собирач на отпад.
Езерото Карачај на Урал се смета за најзагадено и најрадиоактивно езеро во светот. Научниците пресметале дека неполн час покрај езерото може да биде смртоносен. Причината за контаминација на езерото е најголемиот руски центар за преработка на радиоактивен отпад. Денес просторот во околина на езерото е раселен, а езерото покриено со бетонски блокови. Ужасот е скриен под бетонски блокови, но подземните води се уште се прекумерно контаминирани и човек не може да знае каде водата под земја ќе си најде пат.
Колку ли сме среќни што покрај неправдите кои и ги нанесовме на природата, таа се уште сјае со неопислива убавина. Должни сме да се погрижиме вечно да се зеленеат Амазонските тропски дождовни шуми. Должни сме да се погрижиме да живеат и да се размножуваат сите 60 ендемични животински видови кои живеат во езерата и пештерите во Заливот Ха Лонд. Должни сме да се погрижиме да виреат сите 800 видови на растенија во подземната река Пуерто Принцес на Филипините.