Оштетените штедачи од Еуростандард бараа пратениците да го изгласаат законот за да си ги земат парите

Оштетените депоненти, оние кои останаа необештетени во целост како физички лица и целосно необештетените фирми, се оставени на немилост на банкарскиот систем и државата да се снаоѓаат како знаат и умеат. Опљачкани од системот за којшто и ден денес се тврди дека е стабилен и сигурен, за да повторно бидат спокојни штедачите и во другите банки за кои таа иста Народна Банка е должна
да ги заштити, велат од Здружение на оштетени штедачи на Еуростандард банка.

Борбата на оние коишто се ограбени тукушто започна. Ни криви ни должни се исправени пред неправдата, со нарушени здравје и мир, во агонија и со непреспиени ноќи. Немаат што повеќе да загубат бидејќи пропадната банка и државната институција којашто го дозволила направениот криминал во банката им одземаа се што имаа. На потег се народните избраници – пратеници во Собранието како законодавен дом да го изгласаат предлог законот за целосно парично обештетување на физичките и правни лица депоненти на Еуростандард банка, а потоа државата да наплати од стечајната маса – велат од Здружението.

Од Здружението на оштетените штедачи на Еуростандард банка велат дека поднеле иницијатива за носење на закон и барање до политичките партии во Собранието да го изгласаат истиот во најскоро можно време.

– На тој начин пратениците ќе покажат дека се грижат за своите сограѓани и фирми кои ги плаќаат да ги заштитат од злоупотреби и неправди и дека работат во нивни интерес односно да го заштитат обичниот народ од грабежот на големите капиталисти – велат од Здружението.

Од таму додаваат дека за тие за  кои во наредниот период ќе се докаже од истражните органи дека се виновни и одговорни за пропаѓањето на банката било да биле на одговорни позиции во Еуростандард банка или надвор од неа, треба да одговараат пред лицето на правдата не само кривично туку и материјално преку замрзнување на нивниот личен имот и имотот на нивните семејства за покривање на криминалот што го направиле во пропадната Еуростандард банка.