ЕкономијаМакедонијаСветот на работникот

ОЈО за гонење организиран криминал и корупција ќе расчистува со фирмите-неплаќачи

ОЈО за гонење организиран криминал - Работник
124views

Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, се вклучува во расчистување на случајот со фирмите кои ја злоупотребија државната помош за исплата на платите. 

До Основното јавно обвинителство Скопје, во петокот, беше доставено Барањето за кривичен прогон во врска со финансиската поддршка реализирана преку владината програма за поддршка за работодавачите погодени од здравствената и економската криза. Барањето е поднесено од Генералниот секретаријат на Владата на РСМ. Веднаш по приемот и извршената анализа, Основното јавно обвинителство Скопје го препрати предметот на надлежно постапување во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, бидејќи во предметот пријавени се одговорни лица во правни лица кои имаат седишта во повеќе градови во територијата на РСМ, а нивните дејствија се преземени на штета на Буџетот на РСМ, јавните фондови или други средства на државата, соопштија од ОЈО за „Слободен печат“.

УЈП објави дека вкупно 708 газди за два месеци,  не исплатиле околу 385.000 евра на над 1.700 вработени, но, по заканите дека ќе има јавна објава, списокот се сведе на околу 250 компании – неплаќачи. УЈП објави и дека околу 3.750 компании на речиси 53.000 работници им го скратиле и минималецот и исплатиле 1,5 милиони евра помалку. Списокот е на проверка во Министерството за труд, а финалниот износ и компаниите ќе се знаат по инспекцискиот надзор од  Трудовиот инспекторат.

Заклучно со плаќањата до 14 август, за април, плата не исплатиле 104 фирми, а за мај, таа бројка е 122. Најмногу вработени (86), чии што пари останаа неисплатени се од градежната компанија „Викторија инвест“. Дел од останатите се човек-фирми, со по еден или најмногу до 5 вработени.

Извор: Лидер