Пад на реалните плати во Швајцарија – најголема загуба од 1942 година

Работниците во Швајцарија се соочуваат со најголема загуба на реални плати од 1942 година.

Работодавците годинава ги зголемија платите во просек за 1,1 отсто, а следната година имаат намера да ги зголемат за 2,2 отсто, соопшти инвестициската банка УБС, која опфатила 290 компании.

Приспособено за инфлацијата, тоа се претвора во реална загуба од 1,8 отсто во 2022 година, проследена со благ пораст од 0,1 отсто следната година, пишува Блумберг.

Најмногу пораснале платите во секторите градежништво (1,1 отсто), администрација (1,0), ИТ, финансии и осигурување (0,9). Помалку се зголемени платите во производството и транспортот (0,8) и здравствената заштита (0,7 отсто), пренесува LeNews. Договорите за плати влијаат на околу 550.000 вработени во Швајцарија, што е околу 11 отсто од работната сила.

Поволна околност е што не се очекува спирала на раст на платите и цените, поради што инфлацијата не треба да расте од сегашните 3,2 отсто. Растот на потрошувачките цени во Швајцарија неочекувано забави во септември и октомври, но останува над целта на Швајцарската народна банка.

Народната банка на Швајцарија во септември ги зголеми каматните стапки за 0,75 отсто, по што референтната каматна стапка во таа земја по осум години повторно беше позитивна, на 0,5 отсто. Швајцарија е последната земја во Европа која се врати на позитивна каматна стапка. Швајцарската централна банка ги задржа каматните стапки на -0,75 отсто до јуни оваа година, кога ги зголеми каматните стапки за 0,5 отсто.

Од 2014 година, швајцарската народна банка следи политика на нула каматни стапки, со цел да го спречи растот на вредноста на националната валута. Банката со години вршеше големи интервенции на девизните пазари со цел да ја контролира вредноста на франкот.