Паника во фабрика за ајфони во Кина: Работниците бегаат преку огради за да не ги заворат поради ширење на Ковид -19

Додека животот во поголемиот број од државите се нормализирал, барем кога е во прашање Ковид – 19 и сите проблеми поврзани со таа болест, во Кина ситуацијата не се променила премногу кога е во прашање нулта толеранцијата на коронавирусот. Во сила сѐ уште се изолациите и карантините кога ќе се прошири заразата, но се чини дека на Кинезите им е доста од таквиот живот.

Откако коронавирусот се проширил во фабриката Фокскон, во градот Џенгзоу, компанијата вовела рестрикции и ги „заклучила“ работниците на своите работни места, што не е реткост во кинеските фабрики. Не е познато колку луѓе се заразени со вирусот во фабриката, но во самиот град се пријавени 167 заразени лица. Поради бројот на заразени, дел од градот каде што живеат околу 10 милиони луѓе и понатаму е ставен во делумен карантин.

 

За да не ги поминуваа следните денови, а можеби и недели, затворени во фабриката, дел од вработените се одлучиле на очајнички потег – да ја прескокнат оградата и да побегнат. По социјалните мрежи се шират снимки од работници кои ги прескокнуваат оградите, а според кинескиот дописник на BBC кој објавил некои снимки, за да не влезат во проблеми, вработените избегнуваат јавен превоз и одат пешки на пат долг по стотици километри.

Од компанијата за BBC  рекле дека соработуваат со кинеската влада, со цел да организираат превоз за работниците да си заминат дома.

Фокскон забранил заеднички оброци во фабриката, па работниците мора да јадат во своите соби, а според еден вработен кој разговарал со новинарите, последните денови во спалните соби владее тотален хаос.

Извор: Dnevnik.hr

Фото: Afp