МакедонијаСиндикат

Пензионерите се приклучуваат кон протестот…

Пензионерите се приклучуваат кон протестот... - Работник
630views

Стагнирањето на пензиите, согласно измените направени во декември месец, минатата година и измена на членот 37 од законот за пензиско и инвалидско осигурување, со кој се направи пензиите да стагнираат, наместо да се порамнуваат согласно платите и инфлацијата како што беше во членот 37, пред промената и немањето на соодветен социјален дијалог со социјалните партнери, се причините поради кои Пензионерскиот синдикат се приклучува на протесниот собир, организиран од страна на Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија – КСС, вели Претседателот на Пензионерскиот синдикат, Марјан Спасовски. Протестот ќе се одржи на 8 јуни пред Владата на РС Македонија.

Тој, за порталот Работник истакна дека незадоволноста кај пензионерите е голема, најмногу поради стагнирањето на пензиите.

„Пензионерскиот синдикат на Македонија се приклучува кон протестот на КСС, од причина што пензиите во Македонија стагнираат и поради поддршката на работниците кои ќе бидат идни пензионери“, истакна Спасовски.

Спасовски рече дека ако сегашните осигуреници имаат поголеми уплати во ПИОМ, со самото тоа фондот ќе има поголем прилив на средства и поголема можност за редовна исплата на пензиите. Тој вели дека сето тоа е поврзано, од причина што подобрите плати и повисоки уплати во ПИОМ автоматски поттикнуваат и повисоки пензии.

Тој истакна и дека власта ги третира пензионерите како да се терет на буџетот, а самите пензионери придонесуваат буџетот на ПИОМ да се зголемува. Спасовски истакна дека пензиите се неколку пати помали од потрошувачката кошница која според последните податоци кои истакнуваат дека таа изнесува 500 евра.

Спасовски заклучи дека со пензии од 10 и 11 илјади денари, пензионерите немаат доволно пари да ги набават потребните лекови.