Пензионерите со поддршка за новиот Закон за работно ангажирање
Партијата на пензионери го подржуваат новиот Закон за работно ангажирање што го најави Владата и премиерот Мицкоски. Со ваквото законско решение предвидено е да се регулира работното ангажирање на студентите и пензионерите во формалната економија.
„Напоменуваме дека Партијата на пензионери во повеќе наврати досега предлагала овакво решение, со кое ќе биде регулиран работниот однос на оние лица кои се пензионери и студенти. Со оглед на хроничниот недостаток на работна сила во скоро сите сегменти на македонската економија, како и самиот факт дека досега ваквото ангажирање се одвивало како дел од сивата економија, каде што сите инволвирани како работодавачите, пензионерите, студентите но и самата држава беа губитници, донесување на вакво законско решение претставува голем исчекор напред во секој поглед за големата пензионерска популација но истовремено и за подобрување на повеќе од скромниот студентски стандард на сите студенти, како искрен влог на сите нас во нашата иднина т.е. младите“, велат од партијата.
Партијата на пензионери, посебно го поздравува фактот што во предлогот на новиот Закон има поддршка и од парламентарната опозиција, што дополнително дава значење на истиот.
„Со ова законско решение, дефинитивно ќе има зголемување на јавните приходи по основ на даноци и платени придонеси, а истовремено ќе се придонесе и за сузбивање на неформалната сива економија, со што уште еднаш потенцираме дека ја има потполната поддршка од страна на Партијата на пензионери. Чесно, сплотено, одлучно“, велат од Партијата на пензионери.