ЕкономијаМакедонијаМакедонијаСиндикат

Пензионерски синдикат: Наместо усогласување, пензиите стагнираат

Пензионерски синдикат: Наместо усогласување, има стагнирање на пензиите - Работник
676views

Минималното зголемување на пензиите го принуди Пензионерскиот синдикат на Македонија при Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија да излезе со свој став.

Од Пензионерскиот синдикат велат дека што се однесува до минималното зголемување на пензиите од 0,4 проценти, синдикатот уште кога беше измената на членот 37 од Законот за пензиско и инвалидско осигурување во декември 2018 година се изјаснил дека растот на пензиите ќе биде минимален, односно дека тие повеќе ќе стагнираат и најмногу ќе бидат погодени пензионерите со најниски пензии. Изоставувањето на порамнувањето на пензиите согласно растот на просечно исплатена плата во Република Македонија, видно влијаше на покачувањето на пензиите.

Претседателот на Пензионерскиот синдикат, Марјан  Спасовски нагласи дека просечната плата е порасната околу 20 проценти.

„Поради тоа Пензионерскиот синдикат  бара усогласувањето на старосните пензии да се врши според движењето на индексот на трошоците во висина од (50) % и порастот на просечната исплатена плата во висина од (50) % “, рече Претседателот на синдикатот, Марјан Спасовски.

Тој додаде дека тие бараат да се врати членот 37 кој беше на сила пред неговата измена на 28 декември, 2018 година.

Спасовски нагласи дека ако се продолжи со сегашниот начин на порамнување на пензиите, ќе дојде до пад на стандардот на пензнионерите.

Тој го цитираше и членот 37 од 2018 година кој гласи:

Член 37

Усогласувањето на старосната пензија се врши според движењето на иднексот на трошоците на живтот во висина од 50 проценти и порастот на просечната исплатена плата на сите вработени во Република Македонија во висина од 50 проценти.

(2) Пензијата од став (1) на овој член се усогласува од 1 јануари и од 1 јули секоја година според процентот кој се добива како збир на порастот на индексот на трошоците на живот во претходното полугодие и процентот на порастот на просечно исплатената нето плата на сите вработени во Република Македонија во претходното полугодие во однос на полугодието кое му претходи.(3) Заради примена на став (1) од овој член пензијата остварена во тековната година претходно се сведува на месечен износ според порастот на платите од декември претходната година во однос на просечната плата истата година.

Спасовски додаде дека ова е доказ дека пензионерите се доведени до работ на сиромаштијата и со покачување на пензиите од 36 денари до 63 не го следат растот на инфлацијата , особено на онаа скриената затоа што повеќе од половина пензионери се под работ на просечната пензија која изнесува околу 14,495 денари, што само по себе говори дека ние станавме најранлива категорија во нашето општество.