ЕкономијаМакедонијаСветот на работникот

Петров: Компаниите да ја искористат мерката за поддршка од 14.500 денари по вработен, заеднички ќе ја пребродиме оваа криза

85views

Прес- конференција, Коста Петров, потпретседател на СДСМ

Драги претприемачи,
Ова е тежок период за сите нас. Од средината на март повеќето од нас си ги поставуваат истите неколку прашања.
Како да продолжиме со работа? Како да ги зачуваме компаниите кои макотрпно сме ги граделе со години? Како да ги исплатиме платите на нашите колеги кои со годините станаа и наше семејство, во време на една од најголемите глобални кризи во светот?
Ова се тешки времиња за сите нас, но запомнете, оваа битка нема да ја водиме сами. Ќе го надминеме ова заедно.
За да ги зачуваме работните места, Владата предводена од СДСМ, овозможи  директна помош од 14.500 денари по вработен за април и мај за сите фирми погодени од кризата.
Преку оваа мерка ќе можете да ги финансирате потребите за платата на вашите колеги но и да ги зачувате нивните работни места за време на кризата.

Дозволете ми да одговорам на најчесто поставуваните прашања поврзани со оваа мерка.
Како да дознаам дали можам да бидам корисник на мерката за финансиска поддршка на работодавачите од 14.500 месечно по вработен?
– Оваа мерка можат да ја искористат СИТЕ компании кои ги исполнуваат следните услови:
Намалени приходи од над 30% во април и мај споредбено со просекот од месеците во 2019та година.
Да не се исплаќа дивиденда или бонуси за време на користење на мерката.
Да нема над 120.000 денари нето плата на над 10% од вработените.
За кои вработени може да се искористи оваа мерка?
Мерката е достапна за сите вработени кои имаат нето плата до 39.900 денари.
За сите управители и сопственици со нето плата до 39.900 денари.
Мерката може да ја користите и за вработените кои веќе ја користат мерката за субвенционирање на придонесите за покачување на платите.
Би сакал да напоменам дека мерката не може да ја користите за вработени кои користат ослободување од придонеси од проектот “Македонија вработува 1 и 2” и вработени за кои ќе се користи антикризната мерка за 50% субвенции на придонеси
Како да аплицирам за мерката?
Поднесете барање до УЈП до 5ти во месецот преку системот Е-ДАНОЦИ.
Во МПИН образец-от во полето 3.23 внесете шифра 619. Во случај да користите и мерка за покачување на платите, внесете ја шифрата 621.
Кога ќе ги добијам средствата на сметката на мојата компанија?
Средствата ќе ги добиете најкасно до 13ти во месецот. Платата на вашите колеги ќе треба да ја исплатите до 15ти во месецот за претходниот месец.

Дали треба да ги вратам добиени финансиски средства?
Средствата се враќаат само доколку остварите добивка во 2020 година. Она што би сакал особено да потенцирам е дека, враќањето е максимум до 50% од тоа што сте го добиле како финансиска поддршка
.
За крај, би сакал да напоменам дека за користење на оваа мерка, работодавачот треба да го задржи истиот број на вработени заклучно со јули 2020 година.
Мој апел до сите вас е да ја искористите оваа мерка. Некои се плашат да ја искористат мерката бидејќи се плашат од инспекции и казни. Апелирам, оваа мерка постои за да се помогне на сите работодавачи и работници а не да им се наштети. Да изградиме заедничка доверба и заеднички да ја пребордиме оваа глобална криза!