ЕкономијаМакедонија

ПИОМ потврди: Пензиите во 2019 во Македонија со најмал раст во историјата

ПИОМ потврди- Работник
339views

Фондот за пензиско-инвалидско осигурување во својот тукушто објавен извештај за 2019 потврдува дека минатата година имало најмало зголемување на пензиите до сега, односно во последните 13 години за колку што е евиденцијата. Усогласувањето на пензиите било 0,7 отсто на 1 јануари 2019 и 0,4 отсто на 1 јули истата година, што значи вкупно биле усогласени за 1,1 проценти.

Со извршените усогласувања, на пензиите, просечната пензија во декември 2019 изнесуваше 14.602 денари и истата во однос на 2018 година во износ од 14.445 нари е повисока за 1,1 проценти. Зголемувањето е резултат на извршеното редовно усогласување на пензиите во 2019 година, како и на висината на пензиите на новите корисници на пензија, гласи во извештајот на ПИОМ.

Претходно најмало зголемување имало во 2010 кога тоа било 1,4 отсто. Најголемо е во 2008 кога било 21,66 проценти. Во 2018, односно една година пред изминатата, зголемувањето било 3,52 проценти, а во 2017 било само 1,59. Во 2007, првата година од евиденцијата, било 1,69 отсто. За 5 проценти и повеќе имало раст во 2009, 2013, 2014, 2015 и 2016.

Политиката на актуелната власт да се зголеми независноста на Фондот од државата дала резултати. Учеството на државата во финансирањето на структурата на фондот за пензии е намалено од 42,69 на 37,1 проценти. Државата дала 29,5 милијарди денари за пензии, односно 293 милиони денари помалку од 2018.

Од друга страна, самиот фонд го зголемил своето учество во обезбедувањето на средствата за пензии и собрал за 10,26 проценти повеќе пари од придонесите за пензиско-инвалидско осигурување, односно безмалку 42 милијарди денари.

Треба и да се каже дека тоа најмногу се должи и на зголемената стапка на пензиско осигурување кај платите од 18,4 проценти.

Лани биле евидентирани 324.039 пензионери, односно 6.761 корисници повеќе од 2018 и примиле пензија во износ од 73,1 милијарди денари, односно 4,5 милијарди повеќе од една година претходно.