Во институциите има уште приговори на граѓаните кои не ги добиле картичките или пак имаат друг проблем, поврзан со нив. Од министерството за финансии велат дека не се запознаени со проблемите на терен, уверуваат дека информациите ќе ги проверат и додаваат дека за неколку дена оние граѓани кои сè уште не ги добиле картичките ќе бидат известени од каде треба да ги подигнат.

Најголем дел од приговорите кои се прифатени биле во Министерството за образование, каде е констатиран голем пропуст. Имено, група средношколци и студенти запишани на државните школи и универзитети за која листата ја правеше ресорното министерството се утврдило дека недостасувале близу пет илјади лица. Приговорите од овие млади луѓе се прифатени по извршените проверки – велат за Алсат од Финансии.

За разлика од оние што сè уште не добиле платежни картички, а се дел од ранливите категории на граѓани и месецот го поминуваат со минимални финансии, информациите од терен велат дека платежна картичка од државата добиле многу поимотни граѓани кои во семејната фирма се пријавени на минималец, чисто да имаат регулирани пензиско и здравствено осигурување.

Бројот на граѓани кои доставиле приговор за платежната картичка надминува 65 илјади. Последните информации од државните институции велат дека поголемиот дел од приговорите се обработени, но прифатени се близу 20 отсто. Најголемиот дел од прифатените приговори се за лица до 29 години или околу пет илјади, близу илјада од невработени и речиси три илјади од лица со низок доход.

Извор: Лидер