ЕкономијаМакедонијаНовостиСветот на работникот

Платите во поголемите компании ќе се зголемат ако државата помогне во инвестирањето во нови машини и технологии

   Време за читање 3 минути

Зголемувањето на платите на вработените во поголемите компании, меѓу другото, зависи и од технолошкиот напредок и конкурентноста.

Според работодавачите, тоа значи дека потребно е да се инвестира во машини и унапредување на технологијата на производство.

Претседателот на Собранието на Организацијата на работодавачи на Македонија, Ангел Димитров во неодамнешното интервју го прашавме како е во другите држави – дали работодавачите сами инвестираат во капацитети на компаниите или се потпираат на поддршка од страна на владите. Воедно, го прашавме и што е потребно за да и компаниите во Македонија технолошки се унапредат и со тоа ги зголемат платите.

„Секоја држава има одредена помош за подобрување на конкурентноста на нивната економија, бидејќи зголемувањето на продуктивноста не е неопходно само за државата, туку и за да може да биде конкурентна на меѓународните пазари, поради тоа што ние сме ‘глобално село’. Ниедна држава веќе не може да живее сама“, рече Димитров.

Нашиот соговорник посочи дека и во Македонија постојат мерки кои ги доделува Министерството за економија и Фондот за иновации и развој, но тие имаат одредени ограничувања.

„Прво, се работи за многу малку средства; се работи за мали или микро компании и за средни компании. Компаниите со над 250 вработени речиси се исклучени од ваквите мерки“, рече Димитров.

Земајќи ја како пример неговата компанија која е од мешовит капитал (ова важи и за сите останати компании од мешовит капитал), објасни дека се исклучени од таквите мерки, затоа што 51 % од капиталот е странски, а се македонска компанија која тука плаќа даноци и им исплаќа плати на вработените.

„Државата кога ги правела ваквите мерки, мислела дека на ваквите компании не треба да се помогне“, рече Димитров.

Тој се осврна и на субвенциите за струјата кои беа наменети само за граѓаните и микро и малите компании, додека компаниите кои беа на слободниот пазар во Македонија беа оставени без помош.

„Беа оставени сами на себе да се снаоѓаат кога струјата на брзата беше над 500 евра по мегават/час“, додаде Димитров.

Сите поголеми компании, како што вели, на либералниот пазар во Македонија се судрени со странската конкуренција и тие сами се снаоѓаат.

Државата може да помогне ако се земат предвид условите во кои таа се доведе со големата задолженост, особено големиот буџетски дефицит кој сега со новите инфраструктурни проекти уште повеќе ќе расте, рече Димитров.

„Се плашам дека како држава ќе дојдеме во ситуација сите средства што треба да ги дадеме за помош на стопанството и граѓаните, дека ќе треба да ги даваме за камати на кредитите кои ги земаме во овој период“, рече Димитров.

Редакцијата на РАБОТНИК пред речиси две недели испрати прашања до ПР службата на Владата во однос на тоа дали планира да ги земе предвид критиките на поголемите компании и да обезбеди финансиска помош за нивна поголема конкурентност и продуктивност, но до објавувањето на текстот не добивме одговор.

Фото: Canva

Бобан М. Илијевски

Новинар за работни односи, кариера и човечки ресурси