Побарала одмор, а добила отказ: Судот наложил да ѝ се плати отштета од 290,000 евра

Работничка во британската Управа за приходи и царина добила 290,000 евра компензација затоа што добила отказ по расправијата со својата шефица.

Имено, Елејн Ворзли, која 45 години работела во Управата за приходи и царина, се искарала со својата шефица Линда Марисон кога и било одбиено барањето за новогодишната вечер да ѝ биде слободна, пренесуваат медиумите.

Ворзли вели дека станала анксиозна поради влошувањето на нивниот работен однос, како и дека подоцна размислувала да си го одземе животот.

Отказ после барањето да биде префрлена на друга позиција

Нејзиното барање да биде префрлена во друг тим било отфрлено, а набрзо добила и отказ.

На сослушувањето пред судот во Манчестер, Ворзли рекла дека работела во администрација од завршувањето на училиште во 1970 година, како и дека со шефицата била во одлични односи до 2014 година, дури една на друга си купувале чоколади и цвеќиња.

Меѓутоа, нивниот однос се влошил кога било одбиено нејзиното барање за четиридневен одмор во текот на божиќните празници, вклучувајќи ја и новогодишната ноќ, за да оди во Велс.

Судијата за работни односи Ентони Рос пресудил во корист на Ворзли, велејќи дека нејзината шефица има „недостиг на чувства“, како и дека не знаела да препознае можни знаци на депресија и влошување на менталното здравје.

„Госпоѓа Ворзли имала исклучително долг работен стаж од преку 40 година. Ретко отсуствувала од работа и сметаме дека одговорен работодавач во слична ситуација не би ја отпуштил“, навел судијата.

Освен тоа, Рос истакнал дека не добил објаснување зошто Ворзли не можела да биде префрлена во друг тим.

Поради тоа ѝ била доделна компензација од 244,000 фунти, заедно со 20,000 фунти поради повреда на чувствата и 25,000 фунти за навреда на личноста.

Извор: BIZLife

Фото: Pixabay